Фото: Игор Бансколиев

И оваа година, исто како и секоја измината, голем дел возачи не ја почитуваа обврската за носење зимска опрема, па при неколкуте врнежи од снег низ земјава, а особено на патните превои како Стража, Плетвар и другите вакви делници каде што најголем проблем се снежните наноси, се случија блокади на сообраќајот, излетувања од патиштата и помали сообраќајни несреќи. Само во Скопје беа регистрирани голем број вакви инциденти, кои доколку беа почитувани препораките за носење зимска опрема, ќе беа избегнати

ЗАВРШУВА ЗАКОНСКАТА ПЕРИОДИЧНА ОБВРСКА ЗА ЗИМСКА ОПРЕМА ВО ВОЗИЛАТА

Законската обврска за задолжително носење зимска опрема во возилата, заклучно со вчерашниот ден, 15 март, завршува. Голем дел возачи, за жал, и оваа зима ја ингорираа ваквата обврска, па возеа со летни гуми, се искачуваа на планини без синџири, па застојот при мали врнежи од дожд во сообраќајот, главно, беше поради овие причини. Само во главниот град беа регистрирани голем број вакви случаи, кои предизвикаа блокирани улици и застој во сообраќајот.

НЕОБЈАСНИВО ЗОШТО НЕ СЕ ПОЧИТУВА ОБВРСКАТА

Задолжителната обврска за носење зимска опрема секоја година почнува на 15 ноември, а завршува на 15 март, во согласност со временските услови, според кои се претпоставува дека по 15 март не постои можност да падне снег или, пак, да се случуваат големи подмрзнувања на патиштата.
И оваа година, исто како и секоја измината, голем дел возачи не ја почитуваа обврската за носење зимска опрема, па при неколкуте врнежи од снег низ земјава, а особено на местата како Стража, Плетвар и другите вакви делници каде што најголем проблем се снежните наноси, се случија блокади на сообраќајот, излетувања од патиштата и помали сообраќајни несреќи.
Само во Скопје беа регистрирани голем број вакви инциденти, кои доколку беа почитувани препораките за носење зимска опрема, ќе беа избегнати.
– Секоја година ситуацијата е иста. Имаме возачи што мислат дека нема да падне снег или дека нема да има подмрзнување на коловозите, па не ги менуваат гумите и возат со летни гуми. Токму затоа и при најмал снег и пониски температури, нам во сообраќајот ни се случува невиден хаос. Возачите мора да научат, првенствено заради себе, а потоа заради другите, дека мора да ги почитуваат законските обврски, дека треба да носат зимска опрема за да се заштитат себеси и најблиските, а потоа и другите учесници во сообраќајот – вели Димитар Столевски.
Дека состојбата во зимските периоди е критична говорат и жителите на повисоките места, како што се Радишани и Сопиште, каде што и температурите се пониски и каде што, кога во долните делови од Скопје паѓа дожд, кај нив дождот или е помешан со снег или, пак, паѓа чист снег.
– Цела зима се изнагледавме излизгани возачи, помали сообраќајки, возачи што едноставно не можат да се искачат поради несоодветни гуми на своите автомобили. Мене дури ми се случи инцидент, возач пред мене да е со летни гуми, а пред него да вози автобус. Автобусот застана на постојката, а со него беа принудени да застанат и возилата. Кога требаше да се тргне нагоре, не само што тој пред мене воопшто не можеше да тргне, туку и возилото почна да му се враќа назад, па ме удри мене во браникот. И сето тоа само затоа што гумите на возилото му беа летни – вели Благоја Трајановски.

ЗИМСКАТА ОПРЕМА Е ДОКАЖАНО БИТНА

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, за изминатите четири месеци, колку што трае законската обврска за задолжително носење зимска опрема, од 15 ноември до 13 март биле санкционирани 1.420 учесници во сообраќајот на патиштата во земјава.
Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, зимската опрема е многу важна за возачите.
– Под задолжителна зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 кг се подразбира зимски гуми на сите тркала, со минимална длабочина на шарите од четири милиметри (4 мм) или гуми со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри (4 мм) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Обврската за поседување зимска опрема е задолжителна и се однесува на секое возило што учествува во сообраќајот во периодот од 15 ноември до 15 март. Непоседувањето зимска опрема во возилото се санкционира – стои наведено на интернет-страницата на РСБСП.

[email protected]


Зошто е важна зимската опрема?

Иако менувањето на летните со зимски гуми, на прв поглед, претставува дополнително малтретирање и дополнителен трошок, според РСБСП, придобивките од употребата на зимските гуми се повеќекратни:
Континуирана заштита. Зимските гуми се монтираат пред почетокот на зимската сезона и се користат цела зима. Синџирите за снег се местат по потреба. Временските услови во зима се непредвидливи и во такви услови местењето синџири на тркалата е покомплицирано во споредба со навремената замена на гумите. Дополнително, во зима, и покрај навидум сувите коловози, честа е појавата на голомразица на мостови, на остри кривини, на осојни места и во такви ситуации многу побезбедни се возилата со зимски гуми.
Безбедност. Кога температурите се ниски, зимските гуми се неспоредливо побезбедни од летните гуми. Зимските гуми се направени од специјална смеса и содржат повеќе природна гума, што ги прави помеки и со подобар контакт со подлогата. Летните гуми ги губат своите својства на температури под 7 Целзиусови степени. Според тоа, зимската гума не е наменета само за снег и за специфични услови на патот, туку и за температури на воздухот под 7 Целзиусови степени.
Безбедно запирање. При зимски услови на патиштата, сопирачкиот пат на возило со зимски гуми е најмалку за 20 проценти пократок во споредба со истото возило со летни гуми. Сопирачкиот пат на возилото и траекторијата на запирање се клучни дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од неа.
Стабилност и моќност. Во зимски услови, при ниски температури, зимските гуми ја зголемуваат влечната сила на возилото дури и кога коловозот е сув, влажен или снежен.
Мобилност и контрола. Зимските гуми ги зголемуваат мобилноста и контролата на возилото при пониски температури и при снежни и замрзнати коловози. Зимските гуми имаат подлабоки шари што ги истиснуваат водата и влажниот снег. Ситните пори што се наоѓаат на нагазната површина на зимските гуми се конструирани да ги исфрлаат водата и снегот и да обезбедат поголема стабилност на возилото.
Економичност. И покрај тоа што купувањето зимски гуми претставува дополнителен трошок, важно е да се истакне дека со соодветна замена и со соодветна употреба на зимски и летни гуми, употребната вредност на гумите се зголемува двојно, што на подолг рок значи и заштеда на средства.