Собранието и сите политички партии треба да ја следат волјата на граѓаните искажана на референдумот. Процесот во моментот е во Собранието и интенцијата е да се обезбеди двотретинско мнозинство, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со информациите објавени во некои медиуми дека нема да има средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и оти ќе се оди на предвремени избори, владиниот портпарол рече дека примарна цел на Владата се разговорите со пратениците и да се обезбеди потребното мнозинство за уставните измени кои произлегуваат од Договорот во Преспа.
– Очекуваме дека пратениците од опозицијата ќе ја следат волјата на граѓаните. Тоа е примарна цел на Владата и оваа порака ја упатуваме и денеска. Немаме никаква дилема дека процесот во моментот е во Собранието и дека треба да се обезбеди двотретинско мнозинство за имплементација на Договорот со Грција и уставните промени, рече Бошњаковски.