Фото: Принт-скрин Инстаграм

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во нова видео порака до Украинците утринава кажа дека жените и децата од Украина кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза, пренесе Укринформ.

-Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници – рече Зеленски.

Тој кажа дека ноќеска разговарал со претседателите на Франција и Полска и дека такви разговори има секој ден, а интеракцијата е постојана.

Тој, истовремено, изрази надеж дека наскоро сите Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната ќе можат да се вратат дома.

-Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да му кажеме на нашиот народ: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други пријателски земји. Вратете се, бидејќи нема повеќе закана – рече Зеленски.