Од светското кино
„Островот Бергман“ е драма напишана и режирана од француската режисерка Миа Хансен-Лове. Раскажува приказна за двајца филмаџии, Тони (Тим Рот) и Крис (Вики Крипс). Тие имаат ќерка што ја оставаат кај роднините, а тие патуваат на островот Фаро, во Балтичко Море, и се сместуваат во оддалечена пространа селска куќа со ветерница во дворот. Го изнајмуваат местото како летно бегство во кое би работеле на нивните најнови сценарија. Се разбира, не е случајно што тие го избрале токму овој смирен, живописен остров веднаш до југоисточниот брег на Шведска. Тоа е местото што го прослави Ингмар Бергман, шведски филмски и театарски режисер и сценарист, кој сними голем број негови филмови на островот.
Бергман и Фаро се споени на посебен начин. Црно-белите слики од неговите филмови што се снимени таму се неизбришливи, а тоа е затоа што Бергман имаше посебна дарба. Бергман го направи Фаро свој митски свет и, всушност, тој прво беше привлечен од островот затоа што чувствувал како да е направен за него. Па, денес Фаро важи за музеј под отворено небо за творештвото на Бергман, еден вид тематски парк на Ингмар Бергман, полн со автобуски тури, предавања, туристички атракции.
И Крис и Тони чувствуваат сродство со Бергман, а „Островот Бергман“ очекува и публиката да го сподели тоа сродство. Не мора да бидете обожавател на Бергман за да го гледате овој филм. Но „Островот Бергман“ е култивирана метадрама од филмски чуда, која му посветува многу време на Бергман. И кога Крис му кажува на Тони дека се мачи со сценариото што го пишува и бара помош од него, тој одбива – не од ароганција, туку од почит кон нејзиниот талент. Филмот умешно ги избегнува сите проблеми што можат да се појават: уметничко ривалство, прељубничка наклонетост…
Миа Хансен-Лове во филмот паралелно сместува две сценарија, тоа е фикција во фикција. Филмот досега има шест номинации. Реализиран е во продукција на Франција, Белгија, Германија, Шведска.