Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека „најлошото допрва доаѓа“ во Украина по денешниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
По едночасовниот телефонски разговор на барање на Путин, рускиот претседател му рекол на својот француски колега дека операцијата на руската армија се развива „според планот“ и дека ќе се „влоши“ доколку Украинците не ги прифатат неговите услови, соопшти француското претседателство, а пренесува МИА.
– Очекувањата на Макрон се дека најлошото допрва доаѓа, со оглед на тоа што му го кажа претседателот Путин – се додава во соопштението.
Кремљ денеска, по разговорите на двајцата претседатели, соопшти дека Путин му порачал на Макрон дека Русија има намера да ја продолжи бескомпромисната борба во Украина.
Како што наведе Кремљ, Путин му дал на Макрон „аргументирани објаснувања за улогата на неонацистите во државната политика на Киев“ и повторил дека условите на Русија во преговорите се демилитаризација на Украина и нејзиниот неутрален статус, за да нема опасност за Русија од нејзина територија.
Путин ја даде иницијативата за тој разговор, трет меѓу двајцата функционери од почетокот на конфликтот на 24 февруари, за да го „информира“ Макрон за „ситуацијата и намерите во рамки на отворениот дијалог“ меѓу двајцата, соопшти француското претседателство.
Француското претседателство додаде дека ќе ги зајакне санкциите против Русија, оценувајќи дека се работи за многу моќна алатка, што може да се види со падот на вредноста на рубљата.
Париз, исто така, ја оцени како „многу значајна“ одлуката на Кина да се воздржи во ОН кога резолуцијата со која се повикува на итен прекин на употребата на сила против Украина беше изгласана со огромно мнозинство.
– Ние сме заинтересирани за фактот дека Кина го предложи своето посредување и сме во контакт со властите во Пекинг – соопшти Елисејската палата.