Хрватскиот експерт Влатко Цвртила за хибридните закани
Дејствувањето на хибридните закани во Хрватска е присутно во помала мера. Во некои од порталите, кои не спаѓаат во медиумскиот мејнстрим, се шират дезинформации насочени против Владата, со цел да создадат отпор кон нејзините политики, особено во пандемијата, но тие немаа значително влијание врз јавното мислење, вели хрватскиот експерт за безбедносни прашања и ректор на универзитетот ВЕРН во Загреб, Влатко Цвртила, објаснувајќи за „Нова Македонија“ како Хрватска се справува со хибридните закани и дезинформации. Ризикот од ваквите дестабилизирачки појави доспеа во фокусот на хрватската јавност по неодамнешното хакирање на телеком-операторот „А1 Хрватска“, односно по упадот во неговиот систем, при што беа компромитирани податоците на 100 илјади корисници, според хрватските медиуми. Досегашната истрага покажала дека осомничен за нападот е малолетник, кој наводно го сторил хакирањето со помош од странство. И Македонија деновиве се соочува со зачестени хакерски напади врз повеќе институции, со што хрватското искуство со хибридните закани како држава од регионот, но и членка на НАТО и на ЕУ, може да послужи за споредување на практиките насочени за одбрана од ваквите дестабилизирачки појави.
– Дејствувањето на хибридните закани се вбројува во информацискиот простор, при што се уфрлаат информациски конструирани ставови. Во Хрватска хибридните закани се присутни во значително помала мера, бидејќи не постојат медиуми што имаат сопственици од други држави, кои би ширеле пропаганда и би застапувале надворешни интереси. Но постои спектар на помалку познати портали со главно десничарска ориентација, како и оние со екстремно левичарска, кои се склони кон пренесување информации во кои спаѓаат и теориите на заговор и оние што развиваат дискурс на отпор кон политиките на државните институции. Ваквите информации првенствено се однесуваа кон владините политики и мерки за справувањето со пандемијата и кон вакцинацијата, со што може да се каже дека во извесна мера влијаеја за намалување на нивото на вакцинација. Тие немаа значително влијание на јавното мислење, но не значи дека не постојат дејствувања за генерирање конструирани информации, како на пример оние насочени кон Владата, со тврдењата дека работи во интерес на Брисел, слично како и кон премиерот Андреј Пленковиќ. Станува збор за класична замена на тези, но Хрватска не е загрозена и тие немаат значително влијание – објаснува Цвртила.
Лажните информации во Хрватска ги негира приватен сервис за проверка на факти, со што, според Цвртила, во план е воспоставување и на ваква служба на државно ниво, додека во Хрватска не постои службено тело задолжено за хибридните закани.
– Хрватска е вклучена во капацитетите на ЕУ, но не постои службено тело задолжено за хибридните закани. Имаме слободен медиумски простор, а законската регулатива е поврзана со заканите и конструираните приказни за одредени личности, при што безбедносните структури ја следат евентуалната радикализација на ставовите. Кога станува збор за лажните вести постои приватен сервис за проверка на фактите (факт-чекер) од каде што реагираат со точни информации, со цел да ги демантираат лажните вести. Самиот сервис е дел од меѓународна мрежа. А Хрватска исто така се подготвува за воспоставување сервис за проверка на фактите на државно ниво. Советот за електронски медиуми, како регулаторно тело, исто така ја следи состојбата на медиумите во рамките на законските овластувања – посочува хрватскиот експерт.
Тој ја нагласува важноста од информативното и медиумско описменување во борбата против дезинформациите и хибридните закани, во ситуација кога општеството е ранливо на ваквата појава.
– Важни се информативното и медиумското описменување. Општеството има ограничени капацитети за борба и препознавање на лажните вести. Секој сам го избира изворот од кој се информира и таквиот избор потоа тешко се менува. Општеството е ранливо, а социјалните мрежи отворија неколку Пандорини кутии. Веќе се забележуваат и дијагнози и нарушувања поврзани со нивното користење, од кои немаме одбранбен механизам. Нема конкретни препораки за справувањето со овие предизвици и потребни се посериозни активности – заклучува Цвртила.
Оваа содржина ја изработи „Нова Македонија“ во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ што го финансира британската амбасада во Скопје.