фотографии: Игор Бансколиев

Во организација на Министерството за правда на РСМ и во соработка со Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје и Агенцијата за судски вештачења Скопје, на ден 21.02.2022 година, се организира Јавна расправа „Нов Закон за вештачење – нов модел на функционирање на системот на вештачење во Република Северна Македонија – предности и недостатоци”.


Модератор на настанот беше проф. д-р Атанас Козарев, кој ја истакна потребата од актуелизирање на постоечките повеќегодишни проблеми поврзани со нормативниот и институционалниот дизајн за системот на вештачење во нашата држава. Стратешките определби за реформа на правосудниот систем се фокусирани кон целосна имплементација на европските вредности и стандарди во оваа област.
Основната цел на јавната расправа е да се даде конкретен придонес во градење на современа регулатива за модел на вештачење кој ќе одговори на предизвиците со кои се соочуват судиите, јавните обвинители, адвокатите и граѓаните во целина.
Министерот за правда проф. д-р Никола Тупанчески, најпрвин изрази голема благодарност до Работната група која изминатиот период активно се состануваше и работеше на изготвувањето на нацрт-текстот на Законот за вештачење.
Според министерот, досега, истиот, беше менуван и дополнуван вкупно пет пати. Поради големиот број на лоцирани слабости и недостатоци во актуелниот закон, се наметна потребата од зајакнување на функционалноста на системот за вештачење преку донесување на нов закон кој целосно ќе одговара на реформираниот правосуден систем.


Законот е целосно усогласен со мерките кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022). Меѓу другото, со бројните законски измени се изврши ревидирање на системот на судско вештачење преку допрецизирање на одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршење на дејноста вештачење и продолжување на лиценците со оглед на тоа дека Комората на вештаци не беше во функција долг временски период.
На крајот изрази уверување дека донесувањето на современ закон кој ќе ги реши долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци, ќе придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки.
Заменик министерот Нухиу дополнил декa со новите законски измени досегашните нелогичности ќе бидат отстранети.
– За странско вештачење има случаи кога судиите покажуваат дилеми дали директно да применат странска експертиза или да побараат мислење или еквивалентност на странска експертиза. Во некои случаи пак одредени академски и научни експерти дале експертиза за одредена област, а потоа за други случаи од истата област ја одбиле поради некомпетентност. Поради ваквите ситуации изработка на нов текст на Законот за вештачење беше повеќе од потребен – рекол Нухиу.
Останатите учесници на расправа посветија внимание на потребата новите законски решенија да оневозможат монопол и влијание при определување на супервештачење согласно насоките на Европската комисија за ефикасно право кои упатуваат на ставот дека вештаците мора да бидат независни како во својата работа, така и при нивниот избор во било која фаза од судската постапка. Јавната расправа ја оствари својата мисија и во наредниот период се очекува презентираните забелешки да бидат разгледани од Работната група со цел подобрување на квалитетот на предлог законот. Со донесувањето на овој закон се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки.