И додека во некои држави овие документи се укинуваат, во други се изрекуваат високи казни за нивно непочитување. Претставниците на бизнис-заедницата се согласни дека носењето на одлуката за воведување ковид-сертификати била неизбежна, со оглед на опасноста што се закануваше од ширењето на вирусот. Но, сепак, посочуваат дека овие сертификати, но и другите мерки се товар за економијата
Веста и реакцијата на угостителот од Гевгелија, кој доби глоба во висина од седум илјади евра бидејќи во објектот примил повеќе лица без ковид-сертификати, ги разбранува медиумите. Висината на казата, како што посочи сопственикот, е преголема и претставува голем удар за објектот, особено бидејќи две години сме во пандемија и бизнисот мака мачи да опстане.
Казната за немање ковид-сертификати ја разбранува јавноста, особено поради фактот што сертификатите и ограничувањата што беа воведени за заштита од вирусот во голем број земји веќе се укинуваат. Од инспекторатот објаснуваат дека нивно е да ги спроведуваат законите и дека тие не можат да влијаат ниту на казната, ниту пак да го менуваат законот.
Колку ковид-сертификатите, но и скринингот што деновиве се спроведува меѓу населението се од помош или напротив претставуваат „кочница“ за стопанството, кое се соочува со голем број тешкотии по избувнувањето на пандемијата?
Бизнисмените укажуваат дека сертификатите ја отежнуваат работата на компаниите, особено во одредени дејности, меѓу кои трговијата и угостителството, каде што се неопходни сертификати и маски и апелираат на разумност кон компаниите, кои исто така се борат за опстанок и зачувување на дејноста и вработените.
– Кога зборуваме за ковид-сертификатите и воопшто за проблематиката со вакцинацијата и пандемијата, треба да се има предвид фактот што угостителските објекти и компании се должни да побараат од посетителите сертификат за вакцинација, меѓутоа тие немаат можност ни право да ги потврдат и да прават верификација на истите тие, па затоа во тој дел, сметаме дека не е праведно да се изрекуваат казни за деловните субјекти. Сметаме дека неправедно компаниите се оштетени во овој случај и дека во последното време одлуките на институциите и Владата дополнително ја отежнуваат работата на бизнисот. Свесни сме дека буџетот треба да се пополни, меѓутоа не по секоја цена тоа да се направи преку глоби и казни – укажуваат претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Претставниците на бизнис-заедницата се согласни дека носењето на одлуката за воведување ковид-сертификати била на некој начин неизбежна, со оглед на опасноста што се закануваше од ширењето на ковид-19 и неговите мутации. Сепак, посочуваат дека овие сертификати, но и другите мерки се товар за економијата.
– Ковид-сертификатите, како и другите рестриктивни мерки за спречување на ширење на заразата, предизвикаа многубројни економски проблеми во целата светска економија. Владите беа принудени да носат решенија, кои знаеја дека ќе предизвикаат економски проблеми, како што се кинењето на синџирите на снабдување, намалените работни часови, забавениот транспорт и други проблеми што ја забавија економијата. Ковид-сертификатите исто така предизвикаа проблеми, затоа што дел од населението не прифаќаше да се вакцинира, а сертификатите требаше да извршат притисок за поголема вакцинација. Ограничувањето на движењето на невакцинираните предизвика проблем во комуникацијата, го намали прометот во некои индустрии, а особено во угостителството – укажува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој наедно посочува дека со појавата на новите соеви од вирусот, кои се смета дека даваат полесна клиничка слика и дека не се толку голема закана по животот на луѓето, се отвора патот кон ослободување од сертификатите.
– Во последно време појавата на нови соеви, кои даваат полесни симптоми и особено појавата на заразување на лица што биле вакцинирани, го отвора прашањето на користа од сертификатите. Факт е дека во некои земји каде што бројот на новозаразени се намали, се укинаа сите мерки што беа донесени за спречување на ширењето на заразата. Сигурен сум дека ќе дојде денот кога и во Македонија ќе се укинат сите мерки, па и ковид-сертификатите, но здравствените власти ќе мора да кажат кога може да се случи тоа. Сѐ додека бројот на новозаразени не падне под одредена граница, ковид-сертификатите ќе се употребуваат, без разлика на проблемите што ги носат тие. Граѓаните на Македонија и за ова прашање, како и за многу други економски прашања, поаѓаат од нивните желби, но секогаш треба да појдеме од ситуацијата во која се наоѓаме и потоа да ги предлагаме одредените мерки. Затоа им препорачувам на сите граѓани – колку повеќе се придржуваме кон мерките – толку побргу ќе дојде денот кога и во Македонија ќе се укинат сите мерки предложени од здравствените власти – потенцира Димитров.