Објавени номинациите за „оскарите“
Академијата за филмски уметности и науки ги претстави номинациите за годинашните „оскари“ во глобален онлајн пренос во живо, а во трката за најдобри остварувања оваа година водат филмовите „Моќта на кучето“, „Дина“ и јапонскиот филм „Вози го мојот автомобил“.
„Моќта на кучето“ на „Нетфликс“ доминира со 12 номинации, вклучувајќи ги сите актерски категории, најдобар филм, сценарио и режија за Џејн Кемпион. „Дина“ на „Ворнер брос“, епски римејк на научнофантастичната класика на Денис Вилнев, освои 10 номинации.
Во категоријата за најдобар филм ним им се придружува првокласниот „Вози го мојот автомобил“, јапонски филм што исто така доби номинации за режија и сценарио, заедно со категоријата меѓународен долгометражен филм.
На листата во категоријата за најдобар филм, која годинава е зголемена на 10 номинирани, се и: „Белфаст“, „КОДА“, „Не гледај нагоре“, „Кралот Ричард“, „Пица со Сладунец“, „Алејата на кошмарите“ и „Приказна за западната страна“, за која Стивен Спилберг беше номиниран во категоријата најдобар режисер.
Меѓународните наслови направија пробив, а данскиот кандидат „Бегање“ постави рекорд во номинации во три категории: меѓународен игран, документарен и анимиран игран филм.
Пенелопе Круз е номинирана за титулата најдобра актерка за нејзината последна соработка со Педро Алмодовар, во филмот „Паралелни мајки“.
Норвешкиот филм „Најлошата личност на светот“ доби признание во категоријата меѓународно остварување, како и во категоријата за најдобро сценарио.
По презентацијата на номинациите, членовите на Академијата ќе го започнат конечното гласање на 17 март, кое ќе заврши на 22 март. Церемонијата на доделувањето „оскарите“ е закажана за 27 март во театарот „Долби“ во Холивуд и Хајленд, а е планирана како настан што ќе се емитува во живо на Еј-би-си.