Австрија изразува силна поддршка за европерспективите на Македонија и ја поздравува новата динамика во преговорите помеѓу Скопје и Софија, порача австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски на средбата се заблагодари за пријателската и принципиелна поддршка што Австрија ѝ ја дава на Македонија во сите области.
– Република Австрија е стратешки економски партнер на нашата држава и голем пријател и поддржувач на демократските и интеграциските процеси на нашата држава. Продолжуваме да ги унапредуваме билатералните односи помеѓу двете држави. А на планот на евроинтеграциите посветени сме на изнаоѓање решенија во духот на европските вредности – рече премиерот Ковачевски.