Русинките први излегоа на мразот, но останаа на сината линија, оти Канаѓанките не сакаа да им се приближат, со оглед на тоа што шест Русинки биле во карантин откако биле позитивни на ковид-19.

ЗОИ – ХОКЕЈ НА МРАЗ

Русинките и Канаѓанките играа со здравствени маски!

Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, очигледно, не можат да минат без скандал. Хокеарките од Русија и од Канада добија наредба да играат со здравствени маски под заштитните шлемови, бидејќи претходните денови имало неколку случаи на позитивни на ковид-19 во тимот на „Зборнаја“. Русинките први излегоа на мразот, но останаа на сината линија, оти Канаѓанките не сакаа да им се приближат, со оглед на тоа што шестмина Русинки биле во карантин откако биле позитивни на ковид-19. Канаѓанките бараа нови ПЦР-тестови, но оти доцнеа резултатите, беше постигнат договор двете селекции да носат маски под заштитните шлемови и така се одигра еден од најнеобичните натпревари во историјата на спортот. Средбата беше одложена цел час, а резултатот остана во втор план. На крајот Канада убедливо победи со 6-1.
По овој настан, се огласи и претседателот на Меѓународната хокеарска федерација, Рене Фасел, кој остро реагираше на ваквиот развој на настаните, нарекувајќи го скандалозен.
– Воопшто не знам како да го коментирам тоа што се случи. Не разбирам што навистина се случува. Не гледам дека е можно да се игра хокеј под медицински маски, не можам да замислам, нема смисла. Тоа едноставно не е можно – изјави Фасел. Г.И.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Злато за Кобајаши

Јапонецот Рјоју Кобајаши (25) е новиот олимписки шампион во скијачки скокови на 90-метарската скокалница на Игрите во Пекинг, со скоковите од 104,5 и 99,5 метри, добивајќи за тоа 275 поени.
– Не можам да поверувам. Двата скока беа речиси совршени, тоа е нешто поради што сум многу задоволен – изјави новиот олимписки шампион Кобајаши.
Австриецот Мануел Фетнер, 36-годишниот ветеран, беше изненадувањето на денот, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал (102,5 и 104 метри, 270 поени). Полјакот Давид Кубачки беше трет и се закити со бронзениот медал (104 и 103 метри, 265,9 поени), со предност од само 0,5 поени пред четвртопласираниот, Словенецот Петер Превц. Л.Д.

ДЕНЕСКА НА ЗОИ 2022
Десет натпревари за медали: алпско скијање (супервелеслалом, мажи), биатлон (мажи, поединечно), скијање крос-кантри (жени и мажи, спринт), карлинг (мешани двојки), скијање слободен стил (жени, биг-еар), санкање (жени, поединечно), сноуборд (жени и мажи, паралелен велеслалом), брзо лизгање (мажи, 1.500 м).
Од македонските претставници, денеска треба да настапи нордиецот Ставре Јада, во спринтот на 1.500 метри.


ФУДБАЛ

Велика Британија и Ирска се откажаа од кандидатурата за СП 2030

Фудбалските асоцијации (ФА) на Обединетото кралство (ОК) и на Република Ирска нема да се кандидираат за домаќини на Светското првенство (СП) во 2030 година. Наместо тоа, тие ќе се фокусираат на заедничка кандидатура за домаќин на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, пишува „Би-би-си“.
Владата на ОК соопшти дека ја поддржува одлуката на петте фудбалски асоцијации и додаде дека и понатаму е желна да „организира Светско првенство во ОК и во Ирска, кога ќе биде вистинското време“.
Англија не успеа во обидот, предводен од поранешниот капитен Дејвид Бекам, од принцот Вилијам и од поранешниот премиер Дејвид Камерон, да биде домаќин на СП во 2018 година, кое се одржа во Русија. Л.Д.


ФУДБАЛ – КЛУПСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Челси против Ал Хилал

Европскиот првак, Челси, ќе игра против првакот на Азија, Ал Хилал, во полуфиналето на клупското Светско првенство (СП), кое се одржува во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). До утрешниот меч, кој победникот го води во финалето, Ал Хилал стигна со убедливата победа над домаќинот на турнирот, Ал Џазира, 6-1.
Денеска во првото полуфинале ќе играат Палмеирас и Ал Ахли. Финалето е закажано за 12 февруари, во Абу Даби. Л.Д.