Знам дека сега не смеам да направам грешка. Треба да го изберам вистинскиот клуб, во Англија, Италија, Шпанија, сеедно. Сега сите сакаат големи резултати за кратко време, па затоа треба да бидам сигурен. Само сакам да бидам тренер за да можам да го споделам моето искуство. Најдобрите клубови и тренери се во Европа и затоа, ако сакам да бидам еден од најдобрите, морам да се натпреварувам со нив, вели Канаваро, во интервју за британскиот весник „Телеграф“
ФАБИО КАНАВАРО, ИТАЛИЈАНСКА ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА
Славниот италијански фудбалер Фабио Канаваро (48), светски првак од 2006 година, сега тренер, вели дека е време да предводи некој клуб во Европа. Не е важно дали во Италија, Шпанија, Англија или во друга земја. Не му е најважно дали тоа ќе биде клуб во врвна лига или во втора лига.
– Мислам дека сум подготвен. Имав одлични ангажмани во Азија, но, најдобрите клубови и тренери се во Европа и затоа, ако сакам да бидам еден од најдобрите, морам да се натпреварувам со нив – вели Канаваро во интервјуто за британскиот весник „Телеграф“.
Квалитетите на Канаваро како играч се неоспорни. Тој е последниот одбранбен играч што ја освоил „златната топка“ и човекот што ја предводеше Италија до триумф на Светското првенство (СП) во 2006 година. На клупски план се шампионските титули со Реал Мадрид и Купот на УЕФА со Парма. Неодамна тој преговараше со Евертон и со Вотфорд. Тој имаше контакти и со други клубови, со Фиорентина, и понуда да биде селектор на Полска, која ја одби затоа што сака да работи на дневна база.
– Знам дека сега не смеам да направам грешка. Треба да го изберам вистинскиот клуб, во Англија, Италија, Шпанија, сеедно. Сега сите сакаат големи резултати за кратко време, па затоа треба да бидам сигурен. Само сакам да бидам тренер за да можам да го споделам моето искуство – вели Канаваро.
Откако се пензионира во 2011 година, по една сезона играјќи за Ал Ахли, од ОАЕ, Канаваро остана во Азија. Прво сакал да биде спортски директор, а потоа сфатил дека сака да биде тренер и заминал во Кина, по повик на Марчело Липи, кого го смета за најдобар со кого работел. Но не издржа долго во Гангжу Евергранде, каде што беше заменет со Луис Фелипе Сколари. Бразилецот потоа ги освои кинеската Суперлига и азиската Лига на шампионите, па природно беше Канаваро да има чувство на недовршена работа. Играчката кариера на Канаваро беше блескава, во Наполи, неговиот роден град, каде што сега живее, потоа во Парма, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, и речиси Челси.
– Бев блиску до потпис со Челси кога бев во Јувентус во 2006 година. Ми се јави еден пријател и ме праша дали сакам да одам во Челси. Знаев дека се заинтересирани за мене, но на крајот се преселив во Мадрид, кај Фабио Капело – вели тој, оценувајќи го Капело како тренер „што се грижи за сѐ“.
Канаваро, капитенот на Италија на СП 2006 (има 136 настапи за „азурите“), играше извонредно и беше прогласен за најдобар играч на тоа СП, со што го прекина трендот одбранбени играчи да не добиваат такви признанија.
– Имав среќа, просто не ми се веруваше кога ги гледав моите настапи на СП 2006, бев неверојатен. Многу луѓе велеа дека наградата ми ја дадоа затоа што бев капитен на тимот што го освои СП. Не, тоа беше поради моите настапи, во спротивно ќе им ја дадеа на Андреа Пирло, на Франческо Тоти или на некој друг. Во секој случај, тоа е минато. Сега сум тренер, го сакам тоа, иако не знам зошто. Како играч се грижите само за себе. Сега работам и по 14 часа на ден и навистина сакам да бидам добар тренер. Тоа е мојата цел – вели Канаваро.
Тој беше во Англија минатиот октомври, но наскоро повторно ќе се врати, за да ги набљудува и да учи од оние што ги смета за најдобри, Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, Томас Тухел и Антонио Конте. За време на шестнеделниот престој, тој ги следеше натпреварите на Арсенал, на Тотенхем и на Вотфорд и присуствуваше на тренинзите на Кристал палас, кај неговиот пријател и поранешен соиграч од Јувентус, Патрик Виеира.
– Во Италија тоа го правам секои две недели, не само во Серија А, туку и во Втората лига, бидејќи таму има добри тренери, кои понекогаш прават различни работи. Имам своја филозофија, но знам дека секогаш можам да научам нешто ново и да се подобрувам. Не сум тренер што вели „еве го мојот систем, тоа е тоа“. Она што е важно е каков е проектот. Работев со многу добри тренери и сакам да ги споделам тие искуства. Секогаш учам, постојано гледам мечеви. Не сакам да бидам дома или на одмор. Секогаш сум бил таков – вели Канаваро.
Големите играчи не секогаш стануваат одлични тренери, но понекогаш и клубовите не им даваат шанса.
– Можеби се плашат да зборуваат со легенда. Како фудбалер јас направив големи работи, но поинаку е како тренер. На почетокот името е важно, но треба да бидете паметен. Во Италија велиме дека треба да ги допрете вистинските работи, како кога свирите пијано. Не е важно кој сте ако не знаете како да зборувате со вашите играчи. Понекогаш треба да бидете татко, понекогаш брат, понекогаш пријател. Многу тренери не се грижат за тимот надвор од теренот, но јас се грижам за сѐ. Ако тимот е среќен на теренот, а несреќен надвор од него, тоа можеби не е проблем денеска, но ќе биде утре – вели Канаваро.