По повеќе од една и пол година во притвор во Иран, Французинот Бенжамин Бриер беше осуден на осум години и осум месеци затвор за шпионажа и пропаганда против режимот, а неговото семејство и адвокатот ја опишаа одлуката како политичка и се обратија за помош до француската влада.
36-годишниот Бриер отсекогаш тврдел дека е турист и бил уапсен во мај 2020 година затоа што фотографирал ограничени области со помош на дрон во природен парк во Иран.
Тој е приведен во затворот „Валикабад“ во Машхад на североистокот на земјата и штрајкува со глад од крајот на декември во знак на протест поради условите во притворот. Тој се појави пред судот во Машхад во четвртокот на затворено рочиште, изјавија иранските активисти во егзил.
– Бенџамин Бриер очигледно нема – и никогаш немал – правично судење пред непристрасни судии. Тој нема право на одбрана, нема пристап до точките на обвинението и нема можност да подготвува и презентира одбрана пред судија на револуционерниот суд – се вели во соопштението на неговиот адвокат Филип Валент за „Франс прес“ изразувајќи загриженост за здравјето на неговиот клиент.
– Семејството на Бенџамин Бриер денеска ги повикува француските власти да му дозволат да се врати дома што е можно побргу – додаде тој истакнувајќи дека неговиот клиент одлучно ги отфрла сите наводи и моли француските власти да стават крај на овој кошмар.
Француското Министерство за надворешни работи сѐ уште не одговорило на барањето на една новинска агенција.
Десетина странски државјани се задржани во притвор во Иран, главно со двојно државјанство, што невладините организации го осудуваат како политика на земање заложници, која бара отстапки од странските влади. Нивните семејства сметаат дека обвинувањата против нив, како што се шпионажа и закани за државната безбедност, се апсурдни.
Бриер, колку што е познато, е единствениот западен државјанин во Иран, кој нема ирански пасош. Исламската Република организира неколку размени на затвореници со странски земји во последните години.