РАКОМЕТ – ЕП 2022
Холанѓанецот Кеј Смит израмни рекорд

Репрезентациите на Полска и на Германија се пласираа во втората фаза на 15. Европско првенство (ЕП) во ракомет, во Унгарија и во Словачка. Тоа е епилогот по второто коло од натпреварите во неделата, а претходно пласман веќе обезбедија Данска и бранителот на титулата Шпанија. Синоќа и денеска се мечевите од третото коло, по што ќе се комплетираат сите места во втората фаза.
Холандскиот ракометар Кеј Смит постигна двоцифрен број голови на првите два натпревара на едно ЕП и е четврти кому му успеало тоа во првата фаза или вкупно 11-ти, сметајќи заедно со втората натпреварувачка фаза. Меѓу нив е и Кирил Лазаров на ЕП 2016 во Полска, во дуелите со Норвешка (11 гола) и со Белорусија (10), во втората групна фаза. Тоа им успеало и на Филип Јиха (14 и 12 гола на ЕП 2010), Снори Гуџонсон (двапати по 10 во 2006-та), Ларс Кристијансен (10 и 13 во 2002 г.), Вацлав Ланча (11, 10 и 10 во 1998 г.), Јан Филип (10 и 12 во 1998 г.), Пастор Иштван (12 и 10 во 1998 г.), Михал Тонар (13 и 12 во 1994-та), Сандер Сагосен (12 и 10 в 2020-та) и Никола Билик (12 и 10 на ЕП 2020). Г.И.


ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА

Бранителот на титулата без победа по две кола

Бранителот на титулата првак на Африка, Алжир, е на работ на рана елиминација, уште во групната фаза од фудбалскиот Куп на нациите на Африка, кој се одржува во Камерун, по поразот од Екваторијална Гвинеја (0-1) во групата Е. По двете кола, селекцијата на Алжир е последна во групата со еден бод, без постигнат гол (во првото коло одигра без голови со Сиера Леоне) и во последниот натпревар против лидерот во групата Брегот на Слоновата Коска ќе им треба победа за останување на турнирот. Со овој исход заврши серијата од 35 меча без пораз на Алжир (прв по октомври 2018 година), два помалку од светскиот рекорд на Италија поставен минатата година.
Сиера Леоне забележа две ремија во групата, против Алжир (0-0) и против Брегот на Слоновата Коска (2-2), еден од фаворитите за освојување на титулата. Во групата Ф, Тунис повторно е во трката за пласман во нокаут-фазата со победата над Мавританија со 4-0. Тунис е првата репрезентација што забележала победа со четири гола разлика и трета што постигнала три или повеќе гола на еден натпревар на турнирот. Л.Д.


ФУДБАЛ – ШПАНИЈА, СУПЕРКУП

Реал Мадрид 12-ти пат победник

Реал Мадрид го совлада Атлетик со 2-0 и по 12-ти пат го освои фудбалскиот Суперкуп на Шпанија, во финалето на фајналфор-турнирот што се играше во Ријад, Саудиска Арабија. Головите ги постигнаа Лука Модриќ, прв за него сезонава, и Карим Бензема, од пенал. Барселона има рекордни 13 трофеи во Суперкупот. Тренерот на „кралевите“, Карло Анчелоти, во 86. минута го внесе во игра Бразилецот Марсело за да го израмни рекордот на Хенто според бројот на освоени трофеи во дресот на Реал Мадрид, 24. Во полуфиналните натпревари, Реал Мадрид беше подобар од Барселона, со 3-2, а Атлетик од Атлетико, со 2-1. Завршните натпревари за Суперкупот на Шпанија ќе се играат во Саудиска Арабија до 2029 година. Л.Д.


ЏУДО
Сеишин најуспешен клуб во 2021 година

Според оствареното на сите државни првенства во џудо за изминатата 2021 година, екипата на Сеишин од Прилеп е прогласена за најуспешна на ранг-листата што ја објави Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Сеишин освои вкупно 180,5 поени. На втората позиција е Ипон од Скопје со 177 поени, а на третата позиција Миоки од Скопје (171). Понатаму следуваат Дрим од Струга (134,5), Пролетер од Прилеп (97), Кожувчанка од Кавадарци (67), Работнички од Скопје (33), Преспа од Ресен (31,5), Гладијатор од Кочани (29,5), Сенсеи од Радовиш (10), а првите 10 клуба завршуваат со битолски Пелистер (8,5) итн. Според податоците на натпреварувачката комисија, во конкуренција беа вкупно 21 македонски џудо-клуб. Г.И.