Актерот Висар Вишка ќе го отвори 11-то издание на фестивалот „Лица без маски“ вечерва во Домот на АРМ по што е изведбата на претставата за најстарата нација на светот „Јами Дистрикт“ со почеток од 20 часот. Овој фестивал е посветен на независната професионална театарска продукција. Под мотото „Најди начин“ од 12 до 16 април ќе бидат изведени седум претстави, три од домашната независна продукција и четири претстави од гостувачките театри од Србија, Грција, Косово и од Шпанија. – Првпат на фестивалот ќе имаме уникатна можност да уживаме во т.н. „сензорна“ претстава.
Станува збор за проектот „Арктик“ на шпанскиот театар „Понтен Пие“, кои од 13 до 15 април, трипати дневно ќе ја изведат оваа несекојдневна претстава. Како фестивал што се обидува да промовира нови естетики, нови методи во современиот истражувачки театар, годинава сме среќни што имаме навистина квалитетни продукции што ги нудат таквите начела, кои се приоритет на фестивалот – вели Миодраг Костиќ, директор на „Лица без маски“.
Во официјалната програма се и политички ангажираните претстави „55 нијанси геј“, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на „Ќендра мултимедија“ од Косово, кои ќе настапат на 14 април, на малата сцена во МНТ, „Дримвил“ на театарот „92. Артскул“ од Атина, кои ќе гостуваат на малата сцена на МОБ на 15 април, а на репертоарот се и претставите од македонската независна продукција и тоа: „Три прави, три опачни“, на „Интимен театар“ од Битола, кои ќе настапат на 13 април, во 22 часот на малата сцена во Универзалната сала, „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, кои ќе настапат на 16 април, во Детскиот театарски центар во чаршија, од 20 часот и независниот проект на Саша Евтимова „Ла ла ла“, истиот ден на малата сцена на МОБ, со почеток од 22 часот. За трите фестивалски награди: гран при, награда за најдобра режија и награда за најдобро актерско остварување, ќе одлучува тричлено жири во состав: Дарја Ризова (актерка), Нина Николиќ (театарска режисерка) и Драгана Лукан Николоски (драматург).