Бугарија да влезе во шенген-зоната, а САД да воведат безвизен режим за бугарските граѓани за влез во земјата, е цената што треба да ја платат ЕУ и САД за да ги добијат симпатиите на Бугарија, порача претседателот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов, предлагајќи Бугарија да извлече корист од евентуалната деблокада на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.
– Бидејќи Американците толку многу сакаат Северна Македонија во Европската Унија, нека на граѓаните на Бугарија, како и на граѓаните на повеќето земји во Европската Унија, не им требаат визи за да одат во Америка. Штом САД и ЕУ сакаат да бидеме лојални партнери, добро, но лојалноста е двонасочна. Ние ќе им бидеме лојални, но тие нека ни бидат лојални. Ова е фер. И така е правилно. Под овие услови, и доколку Македонците, извинете – северните Македонци, ги исполнат нашите услови потпишани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, можеме да го започнеме преговарачкиот процес за прием на Северна Македонија во Европската Унија. Така мислам јас Станислав Тодоров Трифонов, државјанин на Бугарија – напиша меѓу другото Трифонов на Фејсбук, додавајќи дека Бугарија би требала да влезе и во шенген-зоната.