Со ширењето на пандемијата, во медиумите беа присутни неколку епидемиолози, кои постојано даваа критички мислења и корективни ставови за здравствената политика на Владата. Понатаму, повеќемина експерти од надворешната дипломатија, како и македонските лингвисти, даваа научно втемелени мислења и предлози за излез или решавање на спорот со Бугарија. Слично беше и со изјавите на економистите и бизнисмените, за полесно надминување на економската криза што беше предизвикана од пандемијата. Но малку или воопшто некој од актуелните авторитети се осмели да прифати некои од предлозите што доаѓаа од експертската јавност
Експертските анализи се неопходни елементи за носење релевантни одлуки од јавен интерес
Најновите истражувања за довербата на граѓаните во однос носителите на јавните функции и во креирањето на политиките покажаа и ниска оцена за припадниците на т.н. експертска јавност. Според, изнесените резултати, граѓаните ја оцениле работата на експертите со „добро“. Или, ако се гледа на скалата од еден до десет, експертите се оценети со „петка“. Меѓутоа, ова е сепак подобра оцена дадена од граѓаните за работата на политичарите. Имено, за нив, осум од десет анкетирани лица дале исклучително негативно мислење за политичарите, без разлика дали се од власта или од опозицијата.
Партиските портпароли ги задушуваат мислењата на експертите
Во изминатиот десетгодишен период, медиумите во Македонија во своите извештаи за актуелните политички и општествено-економски појави отстапуваат простор за ставовите на припадниците од научната сфера. Со ширењето на пандемијата на коронавирусот, во медиумите беа присутни неколкумина епидемиолози, кои постојано даваа критички мислења за здравствената политика на Владата. Препораките на епидемиолозите се однесуваа на одржувањето на онлајн настава за учениците или за опфатот на граѓаните во вакцинацијата. Повеќемина експерти од надворешната дипломатија, како и македонските лингвисти, даваа научно втемелени мислења и предлози за решавање на спорот со Бугарија. Слично беше и со изјавите на економистите и бизнисмените за полесно надминување на економската криза што беше предизвикана од пандемијата. Но малку или воопшто некој од актуелните авторитети се осмели да прифати некои од предлозите што доаѓаа од експертската јавност.
Епидемиолог Никола Пановски, кој беше еден од најекспонираните епидемиолози во изминатите две години, дава свое мислење за општата перцепција на граѓаните во однос на експертската јавност.
– Мислам дека граѓаните ги слушаат моите мислења, а доказ за тоа се секојдневните телефонски јавувања во кои бараат совети за нив или за свои роднини за побрзо оздравување од ковид-19. За носителите на функциите во здравствените институции или Министерството за здравство не можам да кажам дека ме слушаат. Таму ме множат со нула. Зошто е така, треба да кажат тие, дали е суета или нешто друго, не можам да тврдам. За време на пандемијата единствено што настапуваше јавно во име на државните институции беше министерот за здравство. Сега не знаеме на чии стручни познавања се повикуваат при носење одредени протоколи. Во Кризниот штаб за справување со пандемијата на коронавирусот има и мои колеги од институтот во кој работам, но секако тоа не сум јас. Дали е тоа поради страв од конкуренција, или тоа е од политички или други интереси, не ми е познато – ни изјави Пановски.
За објективна оцена, мора да се слушаат и мислењата на експертската јавност
Што се однесува до општата недоверба на граѓаните во однос на експертското мислење, тоа зависи од многу фактори.
– Во случајот со коронавирусот, граѓаните тргнуваат и од сопствените политички убедувања, но и од сопствените согледувања за потребата за препораките на здравствените власти или во однос на вакцинацијата. Постојат крајно спротивставени ставови меѓу антиваксерите и приврзаниците на вакцинацијата. Во секој случај, во однос на коронавирусот мораа да се послушаат и мислењата од стручната јавност. Особено минатата година, во летото, кога се појави сојот делта. Ако се прифатеа сугестиите на експертите, многу животи ќе беа спасени – појаснува Пановски.
Главна причина за високата недоверба во експертската фела, според мислењата на социолозите, е длабоката поделеност во општеството на партиска припадност на поединци што се дел од креирањето на општото мислење кај граѓаните.
– Оцената за довербата на граѓаните кон експертите е ниска. Тоа е така со години. Постојат неколку објаснувања. Првото се однесува на тоа дека еден дел, ако не и повеќето експерти, своите јавни настапи ги врзува со партиите. Нивното постојано присуство во медиумите влијае на градењето на перцепцијата на граѓаните за довербата кон изнесените експертски ставови. Не е спорно и тоа експертите да изнесуваат и свои политички ставови, но тие треба да се темелат на научни основи. И самиот сум се нашол во ситуација кога сум изнесувал, на пример, позитивни оцени за одредени решенија на Владата, па од симпатизерите на другиот табор веднаш да бидам изложен на јавни критики и напади. Истото тоа е и во спротивен случај. Во секоја јавна дебата, мора да се зачува дигнитетот на државата во застапувањето одредени позиции, како што е и во случајот со спорот меѓу Македонија и Бугарија – вели Илија Ацевски, професор по социологија.
Вториот момент, според него, е леснотијата со која може да се изнесуваат секакви ставови на социјалните мрежи, без тие да бидат втемелени на научни основи, па затоа и се добива и таква ниска оцена кај граѓаните за изнесените ставови на експертите.