САД
Како што јавуваат американските медиуми, администрацијата на претседателот Џо Бајден објави над 1.500 тајни документи, за кои некои историчари и теоретичари на заговор веруваат дека би можеле да фрлат нова светлина врз атентатот на Џон Кенеди во 1963 година. Како што соопштија од Белата куќа, планот е до крајот на идната година да се објави комплетниот материјал, а веќе се објавени 94 отсто од списите од Националниот архив.
Според долгогодишните истражувачи на овој историски настан, во објавените документи најверојатно не се вклучени оние што би можеле да понудат некои нови клучни докази и да ги променат фактите што јавноста ги знае за овој настан, како и околностите пред и по атентатот.
Сепак, тоа што се објавени над 1.500 документи не значи дека сите се објавени. Голем број документи сè уште се недостапни и делумно цензурирани, така што вечната дебата меѓу федералните власти и луѓето што го истражуваат атентатот на Кенеди ќе продолжи.
Подготвил: Дејан Србиновски