Хрватска е една од дестинациите каде што заминуваат лекарите и медицинарите, а одат и во Германија, Швајцарија и скандинавските држави, каде имаат поголеми шанси за развој и напредок
Недостигот не само на доктори, туку на севкупен медицински кадар во земјава веќе подолго време е горчлива рана низ здравствените установи во државата. Ако со години се зборуваше дека поголем е недостигот на лекари во градовите во внатрешноста на земјата, токму од почетокот на пандемијата со сигурост може да се каже состојбата со одлив на медицински кадар е критична и во Скопје.
Иселувањата на стручен медицински персонал траат со години, а и трансферите од државните во приватните клиники во земјава се чести. Реакциите поради недостиг на лекари и медицински сестри во јавното здравство се бројни и на социјалните мрежи, особено што овој кадар во тие установи во овој период е столбот во третманот на пациентите со ковид-19, но и поради фактот што, особено, во екот на пандемијата секој човек во здравството е повеќе од важен и потребен.
Засега системот на ротации на докторите и медициснкиот персонал обезбедува да се покрие дефицитот на кадар онаму каде е потребно, но не смее да се заборави дека тој кадар кој е на располагање веќе речиси две години е сериозно исцрпен?
Лекарската комора нема точна евиденција колку лекари се одлеале од јавното во приватно здравство, но и надвор од државата од започнувањето на пандемијата, но има податоци колкумина доктори побарале потврди кои им се неопходни за работа во странство.
Кои се ветените земји за лекарите?
Во овој период, како што објаснуваат од здруженијата на специјализантите, Хрватска е првата дестинација каде заминуваат лекарите и медицинарите, а идинината ја гледаат и во Германија, Швајцарија и скандинавските држави, каде имаат поголеми шанси за развој и напредок.
Алекдандра Георгиева, претседателка на Здружение на лекари специјализанти вели дека во последно време младите специјализанти одат во Хрватска поради добри услови за признавање на дипломата и полагањата на стручниот испит, како и немање на јазична бариера.
– Немам бројка, зашто како здружение не можеме да водиме статистика, но според наши сознанија околу 60 отсто од студентите на Медицинскиот факултет посетуваат некој курс по странски јазик, што значи дека тие не ја гледаат иднината тука-вели таа.
Според неа, најмногу од младите доктори се иселуваат во Германија, како и скандинавските земји, Шведска, Норвешка и Финска, каде имаат можност за поголем професионален развој.
– Уште поголем поттик да си заминат беше пандемија, кога работеа со денови за никаков надоместок-заклучува Георгиева.
Гордана Бешлиовска, координаторка на Унијата на здруженија на медицински сестри вели дека проблемот на медицинските сестри се провлекува со години, но според нејзините сознанија изминава година само од државните клиники во странство заминале повеќе од 40 медицински сестри.
– Најмногу одат во Германија и Швајцарија. Хрватска изминатата година е нов тренд. И сега имаме случаи кога медицински сестри одат во Србија да се дообразоваат, да полагаат испити за странски јазици. Тие се подготвуваат да одат на работа во странство – вели Бешлиовска.
Во земјата, според неофицијални податоци, има околу 7.500 медицински сестри.
Лекарска комора: Годинава имало 121 барање за потврда за странство
Согласно своите надлежности, Лекарската комора им издава потврда на докторите, кои се нејзини членови, а им се потребни за едукација надвор од земјава (good standing).
– Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти, како и на оние што заминуваат да живеат и работат надвор од земјава – посочуваат оттаму.
Од почетокот на годинава до октомври, до Лекарската комора биле поднесени 121 барање за потврди за странство.
Во 2020 година биле поднесени 110 барања, додека во 2019 година дури 170 барања.
Околу 25 доктори секоја година повторно бараат да им се издаде ваква потврда.
Според статистиките, во земјава имаме 270 лекари на 100 илјади жители, што е за 22% помалку од европскиот просек. Се пресметува дека во последните 10 години, секоја година си заминувале по околу 200 лекари, број кој е еднаков со годишниот просек на студентите кои завршуваат студии по медицина, што значи дека – колку нови лекари дипломираат, толку лекари ја напуштаат земјава на годишно ниво.
Последниот Попис на население ќе покаже колку медицински кадар недостига.