Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА – СРЕБРЕНА ЛИГА 2022
Македонија во група со БиХ, Албанија и со Романија

Македонската машка одбојкарска репрезентација ќе биде дел од Европската сребрена лига и во 2022 година, во која ќе настапат седум селекции поделени во две групи. Македонија е во групата Б со БиХ, Албанија и со Романија, а во групата А се Унгарија, Финска и Азербејџан. Натпреварите ќе се играат напролет, во мај и во јуни, според системот секој со секого, дома и на гости, а четирите најдобри од двете групи ќе настапат на завршниот фајнлфор-турнир, чиј домаќин ќе биде Унгарија, на 18 и на 19 јуни 2022 година. Победникот ќе си обезбеди учество во Европската златна лига во 2023 година и парична награда од 50.000 евра (35.000 евра за второ место).
Европската сребрена лига постои од 2018 година. Хрватска беше најдобра во првото издание, а во 2019 година победи Романија. Лани натпреварувањето беше откажано поради ковид-19, а годинава триумфира Данска, која во решавачкиот меч во Струмица ја совлада Македонија. Л.Д.


КОШАРКА – НБА
Невакцинираните не ќе можат да патуваат во Торонто

Пред почетокот на сезоната, одлуката на кошаркарот на Бруклин, Кајри Ирвинг да не се вакцинира против ковид-19 привлече големо внимание, па клубот реши да го отстрани од тимот, оти не сака скапо да плати кошаркар што ќе игра само дома и понекое гостување. Бидејќи ниту една страна не сака да го смени ставот, прашање е дали Ирвинг воопшто ќе игра сезонава. Проблем е и најновото правило во врска со патувањето во Канада и, воопшто, влезот во САД, кое стапува во сила од 15 јануари 2022 година.
Како што пишува ЕСПН, раководството на НБА-лигата ги известило клубовите дека од 15 јануари невакцинираните играчи нема да можат да патуваат во Торонто поради засилените мерки што ги воведе Канада, а оние што имаат привремени американски визи, нема да можат да се вратат назад во САД доколку ја напуштат државата. На пример, ако Европеец отпатува дома за време на паузата во првенството поради Олстар-викендот, нема да може да се врати назад ако не ги примил потребните две вакцини против ковид-19. Според последните податоци, 97 отсто од кошаркарите биле вакцинирани во НБА-лигата, а повеќе од 60 отсто од нив ја примиле и третата доза. Г.И.


ТЕНИС
Радукану е прогласена за најдобра млада дебитантка на годината

Британскиот рекет број еден Ема Радукану (19) е прогласена за новодојденка на годината од страна на Женската тениска асоцијација (ВТА). Таа изби на сцената во 2021 година, со победата на гранслем-турнирот САД опен, што ја направи прва квалификантка што освоила гранслем-титула. Нејзината победа дојде само два месеца откако го имаше своето деби во главната ждрепка на големите натпревари, со што стана најмладата Британка што стигнала до осминафиналето на Вимблдон. Радукану ја завршува годината на 19-то место во светот, откако ја започна на 343-то место.
Светскиот рекет број еден од Австралија, Ешли Барти, по вторпат беше крунисана за тенисерка на годината, откако освои пет титули во 2021 година, вклучувајќи го и Вимблдон. Барбора Крејчикова и Катерина Синијакова од Чешка беа прогласени за двојка на годината, освојувајќи го олимпиското злато и нивниот трет гранслем-трофеј во игра на двојки на Ролан Гарос. Крејчикова исто така беше прогласена за најнапредна тенисерка на годината, додека Шпанката Карла Суарез Наваро ја доби наградата за повратничка на годината. Г.И.