Глобални иновации
Кинеските иновации, особено во транспортот, секогаш го привлекуваат вниманието на светската јавност. Во тој контекст, интересна е информацијата што ја објавија светските медиуми деновиве, во која се наведува дека Кина успеала да го направи најбрзиот воз во светот, кој може да достигне брзина од дури 600 километри на час. Имено, како што пренесува АП, софистицираниот воз ќе користи нова технологија на магнетна левитација, позната како „маглев“, која функционира врз принципот на одбивање на магнетните полови. Па, така, според извештаите на светските агенции, возот ќе може за два и пол часа да помине и над 1.000 километри. Од она што е познато, софистицираното превозно возило ќе содржи магнети под трупот на возот што ќе ја користат оваа сила за да лебдат над магнетите на шините, се наведува во видеото објавено на твитер-профилот на Светскиот економски форум.
Со овој кинески воз, според пишувањата, од Пекинг до Шангај би можело да се стигне за само два и пол часа, што е двојно побрзо отколку по сегашната брза пруга. Сепак, од она што е објавено, во моментов во Кина се работи на изградба на неопходната инфраструктура потребна за овој нов тип на воз.