Тезата за тубите е шпекулација, убедени сме во професионалноста на бугарските обвинители, истакна државниот обвинител Љубомир Јовески во неговите изјави дадени вчера за телевизија „Телма“, како и за бугарската „БТВ“, додавајќи дека македонските власти земаат биолошки материјал од роднините за ДНК-анализи.
– Договорени сме со бугарскиот обвинител да прати истражители за да му ги доставиме примероците од ДНК-анализите кои ќе се извршат во Скопје и кои ќе се споредат со податоците од обдукциите на починатите и ДНК-анализите извршени во Софија – нагласи Јовески.
Тој посочи дека македонското и бугарското обвинителство добро соработуваат, со што ќе се чека исходот од постапката во Бугарија, а потоа, зависно од сето тоа, ќе се процени и ќе се донесе соодветна одлука во Јавното обвинителство. Обезбедената документација за возилото од македонските надлежни органи ќе биде ставена на располагање на обвинителите во Бугарија.