Седмото издание на „Си онлајн филмскиот фестивал“ преку платформата „Синесквер“, а под слоганот „Избери го својот стил“, почнува денеска и ќе трае до 15 декември.
Селектирани се 27 филмски наслови поделени во четири категории (долгометражни играни филмови, документарни филмови, краткометражни играни филмови и анимирани филмови). И оваа година тимот на „Синесквер“ промовира квалитетни филмови од режисери и продуценти од 13 земји од Југоисточна Европа. Целта е да им се даде можност на новите генерации гледачи да имаат полесен пристап до новите филмови кои се продуцираат на Балканот и поширокиот регион.
Како дел од седмото издание ќе може да се погледнат македонските филмови „Втора шанса“ во режија на Марија Џиџева и „Цвеќина на водата“ во режија на Тања Балаќ. Додека меѓу останатите наслови може да ги издвоиме „Близнаци исткаени од соништа“ во режија на Сеад Шаботиќ (Србија), „Инсајдери“ во режија на Хусаин Карабеј (Турција), „Опстанок и училиште“ во режија на Илир Кабаши (Косово), „Спарина“ во режија на Петар Вукиќевиќ (Хрватска) и слично.
Картите може да се купат директно на самата интернет страница и тоа поединечно за секој филм (со цена од 15 денари до 62 денари), но и како групен билет по цена од 555 денари за сите филмови. Доколку се купи филм поединечно, истиот ќе бидат достапни за гледање 24 часа по купувањето на картата, додека доколку се купи групен билет, филмовите ќе бидат достапни за гледање во текот на целиот месец.
Жири на овогодинешното издание се домашниот продуцент Владимир Стојчевски, италијанската филмска дистрибутерка Лучила Риџо и хрватската монтажерка Ива Иван.
„Си онлајн филм фестивал“ е првиот онлајн филмски фестивал во регионот кој дистрибутерската куќа „Катавеј“ почна да се организира уште пред корона-пандемијата. Фестивалот се реализира во рамки на стриминг платформата „Синсквер“, која е достапна во 13 земји од Југоисточна Европа.