Голема вежба на Алијансата во Романија

Специјалните сили на НАТО и партнерите почнаа голема воена вежба во Романија, наречена „Вкрстен удар 21“. Во вежбата учествуваат околу 1.000 војници, чија цел е зајакнување на заедничкото дејствување на Алијансата во сценарио на хибридна војна. Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, домаќинот на вежбата, Романија, учествува со повеќе од 800 војници и околу 100 возила, пловни објекти и авиони. Дополнителни 150 специјалци за вежбата се дојдени од САД, Грција, Бугарија, Велика Британија, Холандија, Португалија, Молдавија и од Грузија. Вежбата се одржува на седум локации, од кои едната е на море, а најмногу активности ќе има на Карпатите и во централна Романија.
– Оваа вежба е продолжение и дополнување на други меѓународни вежби што се одржаа периодов во Романија и учествуваа специјални сили од повеќе земји. Претходните месеци во земјата и регионот се одржаа неколку вежбовни активности во рамките на поголемата што беше организирана од САД, „Бранител на Европа 21“, и вежбата на НАТО, „Силен бранител“ – наведува порталот.
Во вежбите ќе се користат модерно оружје и опрема на специјални единици, џипови „хамер“, транспортни хеликоптери и брзи патролни чамци, како и пушки од понова генерација. По успешната воена активност, силите што учествуваат на вежбата ќе добијат потврда дека се борбено подготвени за спроведување специјална операција на море, како и дека командните структури се способни за планирање и спроведување специјална операција на НАТО.


Многу Авганистанци се изложени на зголемен ризик

Откако исламистичките талибанци ја презедоа власта во Авганистан постои зголемен ризик од прогон на одредени баратели на азил од земјата. Меѓу нив се поранешни припадници на авганистанската армија и безбедносните сили, вработени во странски влади, медиумски работници и активисти за човекови права, покажа анализата објавена од Канцеларијата за поддршка на азил на ЕУ, ЕАСО, со седиште во Малта.
Агенцијата соопшти дека зголемениот ризик се должи на проширувањето на контролата на Талибанците во Авганистан. Во целата земја, апликантите имаат помалку алтернативи на кои треба да се обратат за заштита, според извештајот. Градовите како Кабул, Херат и Мазар-и-Шари повеќе не се сметаат за безбедни за некои баратели на азил. Се оценува дека преземањето од страна на талибанците, исто така, веројатно ќе има негативно влијание врз статусот на жените и девојчињата.