Ако пример за една модерна развиена европска земја е Германија, тогаш и Македонија можеби во одредени периоди треба да го примени германскиот модел на коалицирање во власта. Таму, во време кога земјата беше исправена пред сериозни предизвици, поранешната канцеларка Ангела Меркел, која доаѓа од десната политичка провениенција, несебично ја подели власта со тамошните социјалдемократи, кои беа втора политичка сила, формирајќи една цврста и стабилна влада што работи исклучиво во интерес на земјата
Мнозинството како заложник на малцинството
Македонија три децении е заложник на наметнувани непринципиелни политики однадвор, но она што е многу позагрижувачко е што државата и мнозинството граѓани се перманентно жртва на изнудувачки политики и одвнатре од поединци и разни политички субјекти што не ја одразуваат волјата на мнозинството, но, сепак, ги држат во еден вид заложништво повеќето граѓани.
Последен таков пример е истапот на еден политички лидер на албанска партија во коалицијата на власт, кој поради незадоволство од одлука на Државната изборна комисија се осмелува јавно да се заканува и уценува само затоа што можеби му е загрозено едно градоначалничко место.
Ова не може да се сфати никако поинаку освен како арогантен чин на непочитување на институциите и законите во државата, на истата онаа држава што му овозможила политички да се артикулира.
Изнудувањето на малцинството од мнозинството е нешто што трае со децении
За жал, кај нас ваквите уцени на малцинството над мнозинството се нешто што трае со децении, кога партии со пет-шест, па и десет пратеници, наметнуваат свои политики над преостанатите 110 пратеници, не водејќи сметка за интересите на државата, туку само за своите теснопартиски и најчесто етнички интереси. Тоа водеше да се бараат повеќе министерски и директорски места, повеќе вработувања во администрацијата, а сето тоа на сметка на квалитетот и стручноста. Поради заложништвото наметнато од малцинството над мнозинството, државата не можеше да спроведе 20 години ниту обична статистичка операција како пописот, само затоа што некој се плашеше од реалните бројки.
Згора на тоа, повеќето закони донесени со уцена од страна на малцинството, како оној за државјанствата, за двојазичноста, за територијалната поделба, измислувањето функции и министерства, не донесоа ништо добро за граѓаните во насока на нивно поквалитетно живеење, туку само предизвикаа непотребни трошоци и дополнителни поделби во општеството.
Кога работите ќе се погледнат низ ваква призма, со висока пропустливост за демократски принципи, а непропустливост за политички и етнички дубиози, единствено може да се заклучи дека три децении мнозинството граѓани и државата се заложници на ваквите изнудувачки политики на малцинството, кои се далеку од демократски.
Германија за пример
Ако пример за една модерна развиена европска земја е Германија, тогаш и Македонија можеби во одредени периоди треба да го примени германскиот модел на коалицирање во власта. Таму, во време кога земјата беше исправена пред сериозни предизвици, поранешната канцеларка Ангела Меркел, која доаѓа од десната политичка провениенција, несебично ја подели власта со тамошните социјалдемократи, кои беа втора политичка сила, формирајќи една цврста и стабилна влада што работи исклучиво во интерес на земјата. Токму ваквото големо мнозинство не им дозволи на малите партии да излегуваат со уценувачки барања како кај нас.
Сепак, разликата меѓу Македонија и Германија е што кај нас политичките партии не можат никако да ги стават партиските интереси пред државните, поголемите македонски партии продолжуваат меѓусебно да се опструираат и уништуваат, а тоа вешто го користи малцинството, изразено преку албанските партии, кои преку уцени наметнуваат ирационални и анахрони желби што немаат никаква врска со напредокот на државата, туку ја подриваат по сите основи.
Некои од аналитичарите сметаат дека овој процес на вакви уценувачки настапи нема да запре и дека е потребно многу време да се надмине таквата практика.
– Ние не сме подготвени за таков тип демократија без уцени од добро познатото малцинството врз мнозинството, бидејќи во ниту една варијанта не сме граѓанско општество, туку прво сме поделени на Албанци и Македонци, а потоа сме поделени на комуњари и вмровци. Треба сите политички субјекти да излезат сами на избори и да се види кој колку вреди, па на тој начин и големите партии нема да бидат уценувани од политички маргиналци – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, малцинствата ќе продолжат да го користат моментот на влади поддржани од тесно мнозинство и натаму ќе уценуваат само да ги остварат сопствените цели. Тоа и како некој квазимодел е наметнато и однадвор, а за жал, прифатено кај нас.
– Секогаш кога има влади со тесно мнозинство, тој еден или двајца пратеници се круцијални да опстои таа влада и тие ќе продолжат со уцени и од тоа нема бегање. Тоа се случува и во други парламентарни демократии, па затоа најдобро е големите партии на крајот да не ги земаат малите партии во коалиција, бидејќи тоа потоа им се удира од глава – заклучува Пекевски, притоа додавајќи дека не очекува да прекине уценувачката политика на малцинството врз мнозинството во државата.
Од своја страна, аналитичарот Петар Арсовски смета дека овие работи ја уназадуваат државата и затоа таа е окарактеризирана како заробена држава.
– Овие уцени ја уназадуваат државата… Сè додека се испреплетуваат овие политички интереси, ќе бидеме заробена држава. Најважно е гласачите да го казнат тоа, но, за жал, не гледам некаква еманципација дека тоа ќе се случи скоро и мислам дека ќе се отплеткуваме полека. Затоа беше важно да ги почнеме преговорите со ЕУ, бидејќи тие работи најчесто се чистат низ тој процес на преговарање – заклучува Арсовски.