фотографии: Фејсбук

Последниот македонски цар, Ѓорѓи Колозов и маестралниот актер Ванчо Петрушевски добија свој мурал во родното Богданци.

„Госпо“ и „ѓаоло“ се вечна љубов на гледачите на Македонските народни приказни, кои оставија свој уникатен белег на едно време.

Муралот го наслика македонската уметница Емилија Мишева, која, исто така, по потекло е од Богданци.

Фото: Приватна архива

– Мојот прв мурал за легенди од мојот град и насликан токму овде. Бесценето чувство и искуство. Фатив четка во рака после некои дваесетина години, првпат се качив на скеле. Трема имав низ целиот процес. Трема, чест и одговорност. Дали ќе ги доловам ликовите на Колозов и Петрушевски, дали ќе им се допадне на моите сограѓани, дали ќе бидам критикувана, милион мисли во глава додека сликав. Но на крај, фидбекот од сите, ширум земјава, беше нектарски. Срце полно. Креативниот процес беше подолг од самото сликање. Прво почнав со еден концепт, но не беше прифатен, па после неколку скици, дојдов до последното решение – објаснува Мишева.

Сликањето траело околу пет-шест дена. Ѕидот на кој е насликан муралот има околу 30 квадрати и се наоѓа до Домот на култура „Бранд Петрушев“ во Богданци.

– Огромна чест ми е што создадов нешто за моето Богданци и моите богданчани. Да го негуваме споменот за овие две легенди, што допреа многу животи и многу генерации, Ѓорги Колозов и Ванчо Петрушевски – додава Мишева.

Муралот е дел од проектот „Градиме култура, сликаме култура“ – мурали за 30 години независност. Извршител задолжен за спроведување на уметничката и креативна содржина е Ненад Тонкин.

Мурали се сликани во седум различни града и тоа Богданци, Велес, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Скопје и Струга. Една од темите на проектот била „Дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или во зачувувањето на културното наследство“.

Б.Ст.