Војникот во сина униформа забележан на воената парада во Северна Кореја предизвика разни шпекулации и шеги на Интернет. На фотографијата од воената парада одржана завчера може да се забележи војник во тесна сина униформа, кого корисниците на социјалните мрежи го нарекоа „суперхеројот“ на Северна Кореја, „Капетан Северна Кореја“ и „човекот-ракета“, пренесува „Асошиејтед прес“.
„Капетанот Северна Кореја“, наречен така бидејќи потсетува на суперхеројот Капетан Америка од стриповите на „Марвел“, позираше со 30 војници и со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун за време на изложба на системи за оружје.
Повеќето од војниците на собирот носеле зелени униформи, бојата што преовладува во мнозинството воени униформи во Северна Кореја. Исто така, на парадата имаше војник облечен во светло-сина униформа, која е карактеристична за членовите на морнарицата.
Другиот прекар што го доби мистериозниот војник е „човекот-ракета“, кој е член на непостоечките севернокорејски вселенски сили. Севернокорејските државни медиуми не го идентификуваа војникот, но изгледа дека тој е дел од падобранската единица, бидејќи на други фотографии од парадата се забележува како Ким гледа група авиони што летаат во формација, пред да се одржи манифестацијата. На фотографии од претходни воени паради исто така се забележуваат падобранци облечени во слични сини тесни облеки.