Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако кривата на вакцинирани секојдневно расте и во државата има доволен број вакцини, сепак, недостига уште околу 30 отсто од граѓаните да се вакцинираат за да прогласиме победа врз пандемијата и да се вратиме во нормала, по примерот на некои други европски земји. Според епидемиолозите, сега главното прашање е како да стигнеме до 80 или 85 отсто вакцинирани и како да се убедат околу 30 отсто од населението да се вакцинираат во краток временски период, зашто ако се појави нова варијанта (мутација), практично ќе се вратиме на почетокот на пандемијата

КРИВАТА НА ВАКЦИНИРАНИ РАСТЕ, СЕ ЧЕКА ЗАВРШНИОТ УДАР ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

Иако со големо задоцнување почна масовната имунизација во Македонија, бројките покажуваат дека со над 700.000 вакцинирани лица, над 40 отсто од населението е заштитено со две дози, што, според здравствените власти, е брз раст на вакцинацијата. Сепак, какви се прогнозите, дали и кога може да се стигне до посакуваниот процент од 70 отсто вакцинирани, што би било некаков праг за стопирање на пандемијата и враќање во нормала? Што е потребно да се стигне до таа цел? Потребни ли се дополнителни мотивации за вакцинација или, пак, зајакнување на рестрикциите за невакцинираните? Неодамна директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, излезе со процена дека во земјава има 1,8 или 1,9 милион граѓани.
При ваква претпоставка се наметнува дилемата уште колку граѓани и за колку време ќе треба да се вакцинираат за да имаме колективен имунитет и да се врати стариот начин на живот.
Иако е тешко да се предвиди кога може да се постигне крајната цел, сепак, здравствените сценарија се дека нема друг начин, освен зголемување на процентот на имунизирано население, нешто што веќе е направено во некои од скандинавските земји.

Како да се убедат околу 30 отсто лица да се вакцинираат?

Д-р Злате Мехмедовиќ, лекар специјалист по медицина на трудот, вели дека многу е тешко да се каже кога ќе може да се достигне колективен имунитет кога е во прашање делта-варијантата на ковид-19, која е поинаква од онаа врз основа на која е направена вакцината.
– Последните процени се дека е потребно да се вакцинираат 80 отсто, па дури и 85 отсто од населението, за да има ефект врз оваа делта-варијанта. Веќе не важат старите процени дека 70 отсто од населението би било доволно за колективен имунитет – вели д-р Мехмедовиќ.
Според него, сведоци сме дека се намалува интересот за вакцинација, а тоа го покажуваат и сите анкети дека во земјава постои интерес кај 55 отсто од населението за вакцинирање.
– Сега главното прашање е како да стигнеме до 80 или 85 отсто вакцинирани во земјава. Како да се убедат 30 отсто да се вакцинираат во краток временски период, зашто оваа е можеби една од последните варијанти на кои вакцините имаат ефикасност? Ако се појави нова варијанта (мутација), практично ќе се вратиме на почетокот на пандемијата – посочува докторот.
Вели дека за таа цел треба да има централизирана државна кампања за да се убедат граѓаните да се вакцинираат.
– Малку доцниме со процесот, и тоа некаде половина година. И овој проблем го имаа многу држави. Но, ете, Данска е со 70 отсто вакцинирани, Велика Британија исто така. Но тие земји имаа сериозни кампањи – заклучува д-р Мехмедовиќ.

Вакцини има доволно

Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се 774.422 граѓани.
Со последните бројки, како што се посочуваат, 55 отсто од населението над 40 години имаат примено една доза вакцина и 31 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со една доза вакцина.
Од Министерството за здравство завчера соопштија дека завчера пристигнале 110.612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои државата ги купила преку механизмот „Ковакс“.
До крајот на годината, преку механизмот „Ковакс“ е најавена испорака на уште 100.000 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“.
Според здравствените власти, вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат единствен начин да се победи пандемијата. Главните апели при вакцинирањето, како што велат тие, се дека само со целосна вакцинација се намалува шансата за заболување, се спречуваат тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход.
Инаку, кон средината на февруари годинава, во земјава почна вакцинацијата во земјава, додека на почетокот на април, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ започна масовната имунизација на населението против ковид-19.

Шведска ги укинува мерките

Некои европски земји што веќе постигнале висок процент на вакцинација на населението почнаа да ги укинуваат мерките.
Шведска ќе ги укине речиси сите мерки против коронавирусот на 29 септември, бидејќи 70 отсто од население веќе примило две дози од вакцината против вирусот.
Одлуката за укинување на веќе благите мерки се заснова на висока стапка на вакцинација и ниска стапка на смртност од ковид-19. До 7 септември, 70 проценти од возрасната популација во Шведска примиле две дози од вакцината, а вкупно 81,6 проценти од граѓаните над 18 години добиле барем една доза.

[email protected]