ФИФА ги покани националните фудбалски федерации на онлајн состанок на 30 септември, за да разговараат за меѓународниот календар, со цел Светското првенство (СП) да се одржува на секои две наместо на четири години
Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги покани националните фудбалски федерации на онлајн состанок на 30 септември, за да разговараат за меѓународниот календар, со цел Светското првенство (СП) да се одржува на секои две наместо на четири години, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). ФИФА сака да започне „нова фаза консултации“ за меѓународниот женски и машки календар, кои истекуваат на крајот од 2023-ta, односно 2024 година.
– Постои широк консензус во играта дека меѓународниот календар на натпревари треба да се реформира и да се подобри. По поканите до засегнатите страни, вклучувајќи ги и сите конфедерации, од почетокот на септември беа организирани повеќе дискусии. ФИФА, исто така, ги покани своите земји- членки на првиот онлајн состанок на 30 септември. Ова е една од неколкуте можности да се воспостави конструктивна и отворена дебата, на глобално и на регионално ниво, во текот на следните месеци – се вели во соопштението на ФИФА.
Контроверзниот предлог за одржување СП на две години, во март го обнови поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, сега шеф на глобалниот развој во ФИФА. Идејата би била да има меѓународни турнири секоја година, почнувајќи од 2025-2026 година, наизменично СП и континентални турнири, како што се Европското првенство (ЕП) и Копа Америка (КА).
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, е жестоко против предлогот и се закани дека европските држави ќе го бојкотираат двегодишното СП. Јужноамериканската конфедерација, КОНМЕБОЛ, вели дека проектот „нема спортско оправдување“. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вети дека одлуките за одржување на СП на секои две години ќе бидат донесени до крајот на годинава.
Минатата недела ФИФА објави онлајн анкета според која мнозинството љубители на фудбалот ја поддржуваат идејата за „почесто“ СП. Резултатите од анкетата беа во голема спротивност со противењето на голем број национални групи навивачи во светот. Глобалниот синдикат на играчи, ФИФПРО, го осуди „отсуството на вистински дијалог“ на оваа тема, посочувајќи ги „природните физиолошки граници“ на фудбалерите.
– Без договор со играчите, кои ги оживотворуваат сите натпреварувања, ниту една таква реформа ќе го нема потребниот легитимитет – изјави генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.
Помалку меѓународни паузи во сезоната
Венгер сака да го намали бројот на меѓународни паузи во средината од сезоната, потенцијално од четири на една продолжена, во текот на октомври, за што поранешниот бразилски дефанзивец Роберто Карлос смета дека е добра идеја.
– Со тоа би се намалил бројот на патувања, а квалификациските натпревари би завршиле за еден месец. Значи, играчите ќе имаат време да тренираат, да играат, да се одморат и да се вратат назад во своите клубови. Има премногу натпревари еден по друг. Кога ќе ги додадете патувањата и заморот, премногу е сложено. Мислам дека фудбалот ќе се подобри многу штом ќе се среди овој проблем – изјави Карлос за ФИФА.