Британија, САД, Франција и Канада испратија заедничка порака до Русија во која побараа од Москва да ги открие деталите за својата програма за развој на хемискиот отров новичок.
Четирите држави членки на НАТО воедно и најавија на Русија дека ќе работат заеднички за да ги сузбијат „непријателските активности на странските разузнавачки служби“ насочени кон нив.
Во соопштението се вели дека четирите држави се согласуваат со ставот на Британија дека руски разузнавачки агенти го извршиле труењето со новичок на пребеганиот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март во британскиот град Солсбери. Тие го преживеаа нападот, но една Британка почина неколку месеци подоцна, по случајно изложување на остатоци од отровот.
– Имаме целосна доверба во проценката на Британија дека двајцата осомничени се офицери на руската воена разузнавачка служба, позната како ГРУ, и дека оваа операција скоро сигурно била извршена со согласност на високото раководство, пишува во заедничкото соопштение. Британија вчера ги именуваше двајцата осомничени агенти на ГРУ, за кои соопшти дека дошле во Британија две дена пред труењето на Сергеј и Јулија Скрипал.
Во соопштението се вели и дека четирите држави ќе бидат посветени на тоа да ги попречат активностите на странските разузнавачки служби на нивна територија, ќе се борат против користењето на забранети оружја и ќе ги штитат своите граѓани од непријателски тајни служби.