Бабак, ирански студент во Грција, не се појавува на атинскиот аеродром да ги пречека родителите што му доаѓаат во посета. Пари (Мелика Фороутан) и нејзиниот постар сопруг (Шабаз Ношир), и двајцата посветени муслимани што се првпат во странство, не се баш подготвени да го бараат својот син во непријатната и непозната околина.
Сите нивни обиди да најдат трага што може да ги одведе до него пропаѓаат и тие наскоро се соочуваат со ќор-сокак. Но Пари не се откажува од потрагата по синот, дури и кога враќањето во Иран изгледа како единствен избор. Следејќи ги чекорите на нејзиниот бунтовен син во најмрачните делови од градот, таа ќе ја истроши својата внатрешна сила за да постигне нешто повеќе отколку она што значи мајчинска потрага по исчезнатиот син…
„Пари“ е дебитантски филм на режисерот Сијамак Етемади, роден и израснат во Иран, кој живее во Атина. Оваа копродукција на Грција, Франција, Холандија и Бугарија ја имаше својата светска премиера во програмата „Панорама“ на Берлинскиот филмски фестивал. Делумно замислен како она што Етемади го нарекува „љубовно писмо“ до неговата мајка, филмот е портрет на жена што не потклекнува на сопствените стравови и инхибиции, водена од речиси слепата решеност да го најде својот син.
Нејзината потрага е вкоренета во желбата опишана во класичната персиска поезија како „копнеж по саканата“, длабока желба за нешто или некого што никогаш не може да се исполни. Филмот ја носи идејата за повторното раѓање, која режисерот ја поврзува со долгата традиција на персиските суфиски стихови, меѓу кои како мотив се провлекуваат стихови од класичниот поет Руми од 13 век, кои се централни во филмот.