Започна 11. Интернационален летен музички камп во Михајлово, Кавадарци

Прекрасното планинско одморалиште „Михајлово“, сместено во пазувите на Кожув Планина, оддалечено само 38 километри од Кавадарци, од 23 до 28 август е домаќин на 11-от Интернационален летен музички камп на млади музичари.

Кампот опфаќа млади таленти, почнувајќи од нижите музички училишта, па сѐ до студенти што ги изучуваат инструментите флејта, труба и хорна. Овие седум дена, како и досега, нивни ментори се професорите Страшо Темков – флејта, Васко Ристов – труба и Александар Гошев – хорна. Координаторка на кампот е Марија Јакимовска, додека пијано-соработничка е Ивана Јанаќиева. Поради актуелната состојба со пандемијата, годинава кампот нема да биде од интернационален карактер и се одржува со помал број учесници, со почитување на сите мерки и прописи во услови на пандемијата на ковид-19.

Во изминативе 10 години, овој летен камп на млади музичари се одржуваше во Струмица и досега во него учествувале околу 400 талентирани млади музичари од Македонија и од балканските земји како Словенија, Хрватска,Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Бугарија, вклучувајќи и учесници од неколку европски земји. Благодарение на заложбите на професорот Страшо Темков, кампот од оваа година се сели во Кавадарци, поточно во прекрасниот планински амбиент на одморалиштето „Михајлово“, кое се наоѓа на 1.200 метри надморска висина на Кожув Планина и ги поседува сите неопходни услови за одржување на семинарот.

– Македонија е расадник на музички таленти и има прекрасни талентирани млади музичари. На мое огромно задоволство, летниот музички камп продолжува и покрај новите мерки што стапија во сила пред самиот почеток. Годинава имаме учесници од нижите музички училишта, од средните и од музичката академија. Сите се вакцинирани или со потврди на присуство на антитела, така што во целост се испочитувани сите потребни мерки. Нашата основна идеја, уште кога го започнавме летниот камп, беше да ги ставиме во форма овие млади талентирани музичари на две недели пред почетокот на учебната година или на повеќе недели до почетокот на студиите. Кампот го посетуваат навистина надарени музичари и тоа се потврдува на нивните следни учества на меѓународни натпревари во Европа и пошироко. Можам слободно да потврдам дека секој од нив може да се пофали со неколку меѓународни награди – вели професорот Страшо Темков.

Сите учесници се со голем ентузијазам и во кампот владее убава работна атмосфера.
– Работиме камерна музика, соло-делници и оркестарски делници за флејта, труба и за хорна. Имаме однапред подготвени програми во кои презентираме нови дела, нотите се веќе поделени до учесниците и сега ни претстојат работа и подготовка на композициите. Кампот традиционално завршува со заеднички концерт пред публика. Досега имаме реализирано 40 концерти пред многубројна публика од над 1.000 посетители, што значи дека по секој завршен семинар реализираме три-четири концерти, што е многу важно за младите музичари да ја засакаат својата професија и да стекнат искуство во јавните настапи. Завршниот концерт оваа година ќе го реализираме на 27 август во Винскиот музеј во Кавадарци, кој се наоѓа во градскиот парк – посочи професорот Страшо Темков.

Летниот камп на млади музичари редовно е поддржуван од Министерството за култура, за што професорот Страшо Темков изразува голема благодарност, како и благодарност за градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, за безрезервната и максимална поддршка кампот да се пресели во Кавадарци, со надеж дека наредниот јубилеј, 20 години, ќе го одбележат во Михајлово.


Виолина

Блажени се рацете
на свирачот
што држејќи ја,
ја милуваат,
па, со гудалото
ја раздразнуваат
да лее звуци што опијануваат.

Таа извајана нежност
што болува
таа кралица силно што војува
таа душа што тажи
таа раскошност што снажи.

Со минење еднаш низ жиците
мислите запираат,
од очи солзи, радосни навираат
умот се кочи
во убавината бара почин
и тогаш срцето се разгорува,
само тоа зборува.

И кога не се, заедно се
секој пат виолинистот и таа нешто
зборуваат,
заедно плачат и се љубат
со страст и пламен другаруваат,
а сите таа нежност ја чувствуваат.

Од звуците излеани
битието со возвишението ти се сретнува,
во срцето ружа ти расцветува,
во тебе убава мисла влетува.

А кога тажиш со неа,
таа убава ја прави и тагата,
ти пее оти нормална е
и тежината во душата
и во очите влагата.

Таа буди,
таа зачудува,
таа жари,
таа возбудува,
таа облагородува,
таа полудува,
таа олеснува,
таа возвишува,
таа занесува,
таа воскреснува
таа…
Виолината.

Филип Димкоски
(Од книгата „Божилак на исконот“)