Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен истакна дека се надева оти преговорите со Македонија и со Албанија ќе бидат отворени за време на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија, откако словенечкиот премиер Јанез Јанша ги претстави приоритетите на претседателството.
Јанша утрово порача дека Западниот Балкан е многу важен регион за ЕУ, поради што Љубљана ќе организира лидерска средба помеѓу Унијата и регионот, во октомври во Словенија. Проширувањето на Унијата за Словенија претставува логичен одговор на геостратешките предизвици со кои се соочува ЕУ.
– Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија – порача фон дер Лејен, додавајќи дека ова е прашање на кредибилитет, бидејќи во ЕУ даденото ветување мора да биде исполнето ветување.