Властите во Порторико соопштија дека 2.975 луѓе загинале во ураганот Марија, разорно невреме што овој американски остров го погоди во септември минатата година, пренесува денеска Би-Би-Си.
Изменетиот податок е 50 пати поголем од претходно објавените 64 загинати.
Порторико и натаму се мачи со обновата на уништената инфраструктура и од Конгресот бара 108 милијарди долари помош.
– Наредив бројот на жртви да се ажурира на 2.975 – рече гувернерот Рикардо Росело на прес конференција, при тоа додавајќи дека „иако станува збор за проценка, таа е направена врз научна основа“.
Белата куќа преку соопштение го поткрепи обидот на гувернерот „да обезбеди целосна веродостојност и транспарентност во поглед на бројот на жртвите“.