Патрола на германски војници, членови на мисијата на ООН, беше нападната во западноафриканската држава Мали.
Командата за мисии на германскиот Бундесвер потврди дека биле нападнати германски војници. Германските медиуми пишуваат дека во нападот биле повредени 15 германски војници, од кои тројца биле тешко повредени. Бундесверот испрати авион до Мали за да ги евакуира повредените војници.
Според медиумите, нападот го извршил бомбаш-самоубиец, кој активирал автомобил-бомба во непосредна близина на војниците. Бундесверот издаде забрана за објавување информации за нападот, затоа што засега не се информирани членовите на семејството на повредените.
Најавено е дека министерот за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, ќе и се обрати на нацијата за тој настан. Мисијата на ООН „Минусма“ во Мали има мандат да ја стабилизира состојбата во земјата.
Инаку, „Минусма“ преку Твитер објави дека во нападот се повредени 15 војници, без да ги наведе националностите на повредените.
„Минусма“ остро го осудува овој напад и се надева дека повредените брзо ќе закрепнат, беше наведено на Твитер, пренесуваат германските медиуми.