Ако две или повеќе репрезентации во истата група се еднакви според освоените бодови по завршувањето на третото коло од групната фаза на Европското првенство (ЕП), се применуваат осум критериуми за да се утврди нивниот пласман, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. За одредување на најдобрите четири меѓу третопласираните, пак, се употребуваат шест критериуми. Во двата случаја последен раздвојувач е вкупниот пласман на репрезентацијата во квалификациите за ЕП 2020.
Така, првиот критериум, секако, се бројот на бодови од меѓусебниот дуел или дуели, ако повеќе од две селекции се во игра, потоа се подобрата гол-разлика од меѓусебните средби, поголемиот број постигнати голови на натпреварите одиграни помеѓу соодветните селекции, подобрата вкупна гол-разлика, поголемиот број постигнати голови на сите натпревари во групата, поголемиот број победи во сите мечеви во групата, помалку дисциплински поени само врз основа на добиените жолти и црвени картони на сите натпревари во групата и пласманот на вкупната ранг-листа на европските квалификации. Слично раздвојување има и за третопласираните од сите групи, па во игра се бодовите, гол-разликата, поголемиот број постигнати голови и победи, пониски дисциплински поени и позицијата на вкупната ранг-листа од квалификациите.