Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, најави дека Минск нема да прифаќа авиони од Украина. Ова е одговор на одлуката на Киев за забрана за влез на белоруски авиони во украинскиот воздушен простор.
– Бидејќи Украина го затвори воздушниот простор за нас, тогаш ние едноставно нема да прифаќаме авиони од Украина – рече Лукашенко.
Украина претходно најави дека ќе го откаже воздушниот сообраќај со Белорусија од 26 мај, по ситуацијата со слетувањето на авионот на компанијата „Рајанер“ во Минск и го ограничи користењето на нејзиниот воздушен простор од белоруските авиони.
Авионот на компанијата „Рајанер“, кој леташе од Атина за Вилнус, принудно слета на 23 мај на аеродромот во Минск, поради најава дека е поставена бомба. По тој повод беше уапсен новинарот Роман Проташевич, како и неговата девојка Софија Сапегаи, со која отпатуваше по одморот во Грција.
Информацијата за бомбата не беше потврдена, но против Проташевич беше покрената кривична постапка по повеќе основи, вклучително и за „организирање масовни немири“.
Проташевич се соочува со затворска казна од 15 години и е на списокот на лица вклучени во тероризам во оваа земја. Тој неодамна се покаја, велејќи дека знае каква штета и нанел на државата и дека сега сака да ја подобри состојбата.