Во сеќавање на исечените дрвја на улица „Орце Николов“, со едноминутно молчење денес беше започнат протестот во скопско Дебар Маало. Сечењето на дрвјата од страна на властите, кои без претходно предупредување ниту било каква најава, го навлече гневот на граѓаните и зелените активисти, кои побараа одговорност од инстутициите за сечата на дрворедот.
Граѓаните се изреволтирани затоа што во мај, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најавил дека дрворедот на ул. Орце Николов ќе биде заштитен, а постоечкото зеленило требало да биде само надополнето со ново.
– Ни самите жители на улицата, всушност, не знаат колку дрвја се исечени, ниту пак знаат дека воопшто ќе биле сечени тие дрвја. Не е никаде најавено и тие не се информирани. Тоа е спротивно на сите начела и правила на одговорно владеење – изјави Драгана Велковска од „Зелен хуман град“.
Организаторите на протестот бараат да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможил масакрот на улицата Орце Николов, а со цел да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени.
Тие додаваат дека образложението пристигнало откако штетата веќе била направена, но дури и тоа било неточно, бидејќи повеќето од исечените дрвја се со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврди Општина Центар.
– Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија. Проектот за улицата веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб-страна, неколку пати е објавуван и во јавноста и сите засегнати граѓани можат да се уверат во содржината на истиот – велат од Општина Центар.
Од општината цврсто стојат на ставот дека дрвјата биле отстранети бидејќи за истите се утврдило дека се стари, болни и оштетени, а градоначалникот Богдановиќ најави дека исечените јавори ќе бидат заменети со нови од истиот тип.