Ниското ниво на реализирани капитални инвестиции води до други опасности за економијата, особено за време на ковид-кризата, која донесе отсуство на економски раст, укажуваат меѓу другото експертите
ПО ОБЈАВАТА НА АМБИЦИОЗНИОТ ПЛАН НА ВЛАДАТА
Долгорочна предвидливост на инвестициите и нивно засилено привлекување се неопходни активности, особено во периоди на криза и на посткризно закрепнување. Инвестициите се клучната проактивна алатка за ревитализирање на економијата. Во условите на криза предизвикана од пандемијата, најавите за интервентниот план за инвестиции 2021-2027 од Владата звучат охрабрувачки, оценуваат експертите, според кои, ако се реализираат тие проекти, закрепнувањето на економијата ќе оди побрзо.
Колку плановите се реални, остварливи и соодветно поставени
Инаку, владиниот план за инвестиции предвидува над 8 милијарди евра наменети за капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во енергетиката. Со него Владата планира економијата да застане на нозе и да биде конкурентна, граѓаните да добијат повисок стандард, а стапките на економски раст да влијаат на намалување на јавниот долг, кој расте. Таргетирањето е јасно и досега видено, но она што виси како дилема е колку плановите се реални, остварливи и соодветно поставени и дали ќе останат само на хартија, и покрај тоа што инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економија.
Според анализата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, интервентниот план за инвестиции е одличен, но речиси 43 отсто од нив се проекти што биле ветени и во Инвестициската програма на СДСМ од 2014 година, а бенефицијата од нив ќе се види само ако од хартија се преселат на терен. Експертите сугерираат дека не смее да се губи време и оти е потребно итно да се реализираат капиталните инвестиции.
Ниското ниво на реализирани капитални инвестиции ја урива економијата
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, ниското ниво на реализирани капитални инвестиции води до други опасности за економијата, особено за време на ковид-кризата, која донесе отсуство на економски раст.
– Неопходно е да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат сите тесни грла во нивната реализација, кои може да бидат различни кај различни типови проекти – вели Петрески.
Како што споменува тој, во крајна линија, проблемот можеби е во потенцијалот за нивна реализација, односно желбите при планирањето да се едно, но техничко-организацискиот капацитет на државата да е друго.
– Порамнување на очекувањата при планирањето со тие капацитети е клучно. Инаку, нема дилема дека капиталните инвестиции може да помогнат државата да закрепне во постпандемијата и во ревитализацијата на економијата. Само треба да бидеме добро организирани – смета Петрески.
Тој додава дека ќе мора поамбициозно да се кратат непродуктивни трошења, но трошењата за клучните сектори ќе треба да се зголемат.
– Капиталните инвестиции мора да бидат еден од моторите на постпандемискиот економски раст. Потоа образованието од пандемијата ќе излезе со некои поуки што ќе наметнат трошења за да се зголеми отпорноста на образовниот систем на нови вакви потреси. Истото тоа се однесува и на здравствениот сектор, кој по пандемијата ќе треба особено да се насочи кон инвестиции во кадар – потенцира Петрески.
Клучно е да се обезбедат свежи пари
Универзитетскиот професор Лазар Јовевски вели дека е клучно да се обезбедат свежи пари и брзи инвестиции за економијата да може да застане на нозе.
– Во текот на годинава мора да покажеме финансиско закрепнување, ако не влегуваат инвестиции, но и свежи пари во економијата, мислам дека нема да одиме со очекуваниот и проектиран развој, кој го сакаме сите, без разлика на политичките опции. Клучно е во моментов да се гради една таква економска политика. Веројатно и политиките на власта, коишто сега се најавуваат, имаат цел да ги остварат овие амбиции, меѓутоа искуството досега покажува дека треба да бидеме многу внимателни и оттука ветувањата треба да ги видиме на дело. Мора во следниве месеци да се работи да се зголеми капацитетот на македонската економија – истакнува Јовевски.
Максимално вклучување на домашните компании
Според Стопанската комора на Македонија, треба да се преземат сите активности за максимизирање на реализацијата на капиталните инвестиции во земјава, со максимално вклучување на домашните компании.
– Треба да се форсираат јавните инфраструктурни трошења, кои ќе имаат ефект врз државата, како патот Кичево – Охрид, патот Росоман – Прилеп, гасната инфраструктура и слично. Треба да се градат патиштата за кои има проекти, а не да има застој во нивната реализација, бидејќи се почнати и има кредити на располагање – велат од Комората.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, апелира дека е многу значајно да се реализираат капиталните инвестиции што се катализатор за позитивни промени.
– Тие имаат мултипликативен ефект, влијаат на пазарот на трудот и на другите дејности во приватниот сектор – смета Ангеловска Бежоска.