Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска порача дека некои луѓе не ја разбираат политиката или тоа им е само хоби, откако лидерот на БЕСА, Биљал Касами, кажа дека се можни коалиции за локалните избори, но не со ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски смета дека изјавата на Касами е удар врз владините политички конкуренти.

– Јас тоа повеќе го доживеав како навреда кон владините политички конкуренти, затоа што тој чувствува дека толку е надмоќен во однос на владините политички конкуренти. Како што разбрав Касами ќе се кандидира во Тетово, а Фадил Зандели во Гостивар. Јас му посакувам среќа и успех во намерата. И една порака, вака како човек, во политиката такви изјави ги даваат луѓе кои или не ја разбираат или политиката им е повеќе како хоби, отколку сериозна професија – рече Мицкоски.

Инаку, Касами веќе се изјасни дека ако има сериозни понуди за соработка, тогаш БЕСА ќе ги разгледа.

Според него, одлуката ќе се донесе откако ќе се утврди која е најдобра опција за нив.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говорејќи на денешната прес-конференција побара распуштање на Владата и предвремени парламентарни избори.

Лидерот на опозициската партија смета дека оваа Влада, лошо ја води земјата.

Запрашан дали парламентарните избори треба да се одржат заедно со локалните, тој порача „ние секојдневно бараме оставка од оваа Влада и создавање на услови за предвремени парламентарни избори – час поскоро“.

Како што кажа Мицкоски, според правото, 61 пратеник треба да кренат два прста во Собранието и на тој начин да се распушти Владата и да се закажат нови парламентарни избори.

– На друг начин не можеме да ги добиеме. А како ќе дојдеме до 61 пратеник, секојдневно работиме на тоа. Кога ќе имаме мнозинство, благовремено ќе информираме – рече Мицкоски.

Прашан дали е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да обезбеди 61 пратеник за предвремени парламентарни избори, Мицкоски одговори само дека е оптимист дека Владата треба час поскоро да замине.

– Во овој момент не би сакал да откријам детали, бидејќи се работи на тоа ново парламентарно мнозинство. Во моментот кога ќе имаме 61 пратеник, ќе информираме – истакна Мицкоски.

Дали е опфатен дел од пратеничката група на СДСМ – да, опфатен е, рече Мицкоски за најавата дека работат на обезбедување на мнозинство, а прашан, кои пратеници се опфатени, додаде „па сега, ќе почекате малку“.

Најавите за ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски не ги кажува по првпат откако се одржаа изборите на 15 јули, кога ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите. На почетокот на февруари тој кажа дека се крои ново мнозинство.

Но тогаш, тоа не се случи. По ова, се гласаше доверба на Владата, која доби поддршка од 62 пратеници, колку што брои и мнозинството.