Во текот на подготовките се предвидени два тест-меча идната недела во Скопје, со Словенија и со Казахстан, пред првиот настап на ЕП, на 13 јуни со Австрија, во Букурешт

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација со првиот собир во вторникот ги почна подготовките пред дебито на Европското првенство (ЕП), на 13 јуни со селекцијата на Австрија, во Букурешт, во првото коло во рамките на групата Ц, во која се и репрезентациите на Украина и на Холандија. Во текот на подготовките се предвидени и две тест-средби во Скопје, прво со репрезентацијата на Словенија во вторник, а потоа и со селекцијата на Казахстан на 4 јуни.
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, за ЕП 2020 одбра 26 фудбалери. Од неговите колеги во групата Ц, составот за ЕП за сега го одреди и селекторот Франко Фода од Австрија. Кормиларот на репрезентацијата на Холандија, Франк де Бур, одреди 34 фудбалери на поширокиот список, а предводникот на селекцијата на Украина, Андриј Шевченко, за сега има 35 фудбалери на списокот. Конечниот состав со по 26 фудбалери сите 24 репрезентации учеснички на ЕП 2020 треба до вторник да го достават до Европската фудбалска унија (УЕФА).

На континенталното првенство, Македонија ќе се сретне и со Украина, на 17 јуни, во Букурешт, и со Холандија на 21 јуни, во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првопласираните две репрезентации од секоја од шесте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции.
Украина прва од селекциите во групата Ц одигра пријателски натпревар, реми со Бахреин, 1-1. За Украина следуваат и средбите со Северна Ирска на 3 јуни и со Кипар на 7 јуни. Австрија, пак, треба да игра со Англија на 2 јуни и со Словачка четири дена подоцна, а Холандија треба да има тест-средби со Шкотска на 2 јуни и со Грузија на 6 јуни.