Австрискиот весник „Стандард” објави дека и Европската унија, Русија, Кина, САД и Турција ја користат трговијата и политиката за да го консолидираат влијанието на Балканот.
Се наведува дека Русија не сака Македонија да влезе во НАТО и затоа се обидува да го поткопа историскиот договор на Грција и на Македонија за решавање на спорот за името.
Се потсетува дека македонскиот премиер Зоран Заев неодамна објави дека грчките бизнисмени, симпатизери на „руските работи”, се обиделе да ги натераат луѓето да провоцираат насилство во Македонија.
Виенскиот весник вели дека официјалните претставници на руската амбасада во Атина дури се обиделе да придобијат со пари политичари, бизнисмени и монаси на Атос за да дејствуваат против решавањето на спорот за името, и потсетува дека Атина ги истера овие дипломати во јули.
Весникот вели дека анализата на инвестициите и односите покажува дека земјите од Југоисточна Европа одамна биле длабоко поврзани со ЕУ, при што се уште е најсилно политичкото влијание на Западот. Се вели дека многу земји не се во ЕУ, а Русија се обидува да го искористи тој вакуум за да оствари влијание од геополитички причини.
Директорот на Центарот за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац Флоријан Бибер за „Стандард” вели дека ова е овозможено поради недостиг на ангажман на ЕУ и амбивалентниот став на САД.
„Русија ја користи слабоста на другите”, вели Бибер.
Тој проценува дека руските операции во Грција сведочат за зголемените нервози на Москва.
“Во случај на имплементација на договорите меѓу Грција и Македонија и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, Русија ќе ги изгуби важните адури, и само Босна ќе им остане за предизвикување невољи”, тврди Бибер.
Стандард вели дека во Босна и Херцеговина тоа попречување е одамна и многу силно се чувствува и изнесува тврдење дека најдобриот вазал на Путин на Балканот е претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој според тој весник прави се за да спречи интеграција на БиХ во НАТО или во ЕУ.
Но, весникот вели дека во БиХ, сепак, и турската влада е активна.
Се наведува дека преку медиумите како Став, Фактор и новинската агенција „Анадолија”, тие спроведуваат хајка за поддржувачи на проповедникот Фетулах Ѓулен и потсетува дека при последната посета на турскиот претседател на Сараево во мај, Изетбеговиќ изјавил дека Ердоган го испратил „Алах “.
Австрискиот весник потсетува дека турската разузнавачка служба во март во Приштина привела шест турски државјани блиски до движењето на Ѓулен.
Во написот се додава дека Кина, која е интензивно ангажирана, го смета регионот за приоритет, што треба да им овозможи да влезат на западноевропскиот пазар.