Со инвестиции во технолошки развој, иновации, знаење и маркетинг значително може да се зголеми извозот како двигател на економскиот раст, објаснуваат стопанствениците
Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири се шансите за Македонија да има развој на економијата.
Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да креира производи и услуги со повисока додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, поточно да ги задоволува стандардите на земјата во која се извезува.
– Ковид-кризата може да биде шанса работите да се постават системски на вистинско место, за понатаму да функционираат подобро и да креираат поголема вредност. Оттаму, покрај мерки и активности кон заздравување на економијата, потребно е да креираме механизми што ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок – смета Фатмир Бесими, министер за финансии.
Економистите тврдат дека создавањето висока додадена вредност е тесно поврзано со зголемување на иновативноста, која може да е насочена или кон зголемување на ефикасноста на процесите или кон зголемување на квалитетот на производите.
Од Виенскиот институт неодамна истакнаа дека учеството во глобалните синџири на снабдување може да им помогне на малите економии да го забрзаат извозот и за раст на приходите.
– Земјите од Западен Балкан не се добро интегрирани во ваквите синџири, а истовремено трговијата во регионот е исто така ограничувачки фактор бидејќи има тенденција да биде билатерална, а не кластерска – спомнуваат од институтот.
Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, кај пазарното стопанство и отворените економии, најважно е да се има силен и конкурентен приватен сектор што е носител на економијата.
– Секако, треба да имаме предвид какви биле нашите почетоци. По одвојувањето од Југославија и промена на државното уредување се почна со брз процес на приватизација на општествената, државната сопственост. За жал, поради брзината и немањето доволно приватен капитал тој процес не заврши онака како што очекувавме. Се собраа малку средства и поголемиот дел од нив отидоа за плати на големите претпријатија загубари. Но најважно е што најголемиот број од тие претпријатија не беа подготвени за конкуренција со фирмите од надвор и завршија со стечај и ликвидација – вели Димитров.
Новите приватни претпријатија, додава тој, почнаа со многу мал основачки капитал и ден-денес поголемиот број од нив имаат проблеми со ликвидноста и инвестициите.
– Само неколку компании што успешно ја пребродија транзицијата и денес успешно работат се носители на економијата на Македонија. Подоцна ним им се приклучија големите компании од ТИРЗ-овите, кои го зголемија нашиот извоз, но државата потроши многу средства за нивното доаѓање во земјата – истакнува Димитров.
Како што нагласува тој, за зајакнување на конкурентноста, неопходни се инвестиции за технолошки развој, иновации, знаење и маркетинг.
– За големите компании, најважни се владеењето на правото и сигурноста на бизнисот, за да можат да носат похрабри одлуки за нови инвестиции. Кај помалите компании се присутни и проблемите со обезбедување гаранција за кредити, големата изложеност кон банките и недостигот од обртен капитал – нагласува Димитров.
Тој вели дека државата преку економската дипломатија може многу да помогне во развивање на трговските врски со компании и држави во светот.
– Теоретски, Македонија има неограничени можности за зголемување на извозот затоа што нашето производство и учеството во светската трговија е незначително. Но сепак во секоја гранка има конкуренција и квалитетот и цената на производите имаат предност при набавките – истакна Димитров.
Тој смета дека Македонија прво мора да го реформира образованието, за да може да добиеме квалификувани кадри со знаење и умешност, кои ќе понудат решенија за зголемување на продуктивноста и иновативноста, но бидејќи нивото на знаење е на доста ниско ниво, мораме да купуваме знаење и технологија од странство.
– Владата треба да продолжи со гаранции за кредити за мали и за средни претпријатија и по завршувањето на пандемијата, а развивањето на трговските врски и пробив на нови пазари во светот треба да биде главна задача на нашата дипломатија – споменува Димитров.
Според Калин Бабушку, управител и сопственик на „Македонија експорт“, само извозот може да биде двигател на економскиот раст.
– Ние сме земја што е увозно зависна и единствен „спас“ ни е извозот, од секој аспект. Она што можеме да го понудиме е брендирање и квалитет. Сметам дека нашата држава може да се понуди како земја што нуди добар квалитет и брза испорака. Кога сме кај брзата испорака, тука доаѓаат нашата иновативност и можноста да се издигнеме пред другите. Иновативност во намалување на времето на испорака, на изработка на крајните продукти, како и иновативност во подобар квалитет на производство на нашите крајни продукти. Едноставно, мораме да сфатиме дека нашата геостратегиска поставеност ни дозволува да инвестираме во иновативност во одредени сегменти и тоа мора да го искористиме. Секако, сето тоа влијае на макроекономската перспектива на државата и на зголемување на нејзиниот БДП – објаснува Бабушку.