Двајца тајландски работници загинаа, а неколку цивили и еден војник се ранети попладнево во минофрлачки напад на Хамас кон граничните заедници со Газа по реткото затишје во ракетниот оган, пренесува „Џерусалем пост“.
Најмалку десет цивили се ранети, од кои четворица сериозно, откако повеќе од 50 минофрлачки ракети го погодија Регионалниот совет на Ешкол. Двајца починале на пат кон болница.
Еден 19-годишен војник се здобил со рани од шрапнели во горниот дел од телото откако минофрлачки оган го погодил преминот „Ерез“ каде што неговата единица помагала во пренесувањето на пратките хуманитарна помош до Појасот Газа. Тој бил пренесен во болницата „Барзилаи“ во стабилна состојба.
Израел привремено го отвори преминот „Керем Шалом“ за да овозможи транспорт на гориво, лекови, храна за животни и цистерни со гориво во Појасот Газа, но по минофрлачкиот напад преминот бил затворен.
Десетици ракети беа лансирани и кон граничните заедници во Газа како и во јужните градови Ашдод, Ашкелон и Бершеба. По нападите, од ИДФ соопштија дека нападнале подземна локација за лансирање и ракетни фрлачи на Хамас во бегалскиот камп „Ал-Моази“, во централниот дел на Појасот Газа, и уште два ракетни фрлачи во северниот и јужниот дел на енклавата.