Фото: Маја Јаневска-Илиева

Единствениот настап на големите натпреварувања Финците го имаа на СП 1958 (12-то место). Утрешниот дуел ќе биде четврта меѓусебна средба на двете селекции, а досега Македонија има две победи и едно реми. Најефикасен во составот на прославениот и трофеен некогашен шведски ракометар, селекторот Линдгрен, е левиот бек Гранлунд, со 30 гола (10 на мечот во Скопје)

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Со вчерашната утринска прозивка во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, македонската машка ракометна репрезентација ги почна подготовките за последните два меча од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка.
Во овие две кола македонските репрезентативци ќе ги одиграат вторите дуели со селекциите на Финска (утре од 17 ч., во Рихимаки) и на Швајцарија (недела од 17 ч., во Скопје), над кои забележаа победи во првите дуели. Финска во Скопје беше совладана со 33-24, а дуелот во Швајцарија на гости македонскиот состав го доби со 25-23.
Единствениот настап на големите натпреварувања Финците го имаа во 1958 година, на Светското првенство (СП) во Германија, кога го освоија 12-то место. Утрешниот дуел помеѓу Македонија и Финска ќе биде нивна четврта меѓусебна средба. Првпат Финска и Македонија играа во претквалификациите за пласман во баражот за СП во Тунис во 2005 година, во кои Македонија забележа победа со 36-30 и реми 30-30, па вкупниот меѓусебен скор е две победи за Македонија и еден нерешен резултат.

Во досегашниот дел од квалификациите за ЕП 2022, по четири кола Македонија има шест бода и е на втората позиција на табелата во групата 7, во која шест бода има и Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови. Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобропласирани репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции во групите.
Во составот на прославениот и трофеен некогашен шведски ракометар, селекторот Ола Линдгрен (четири европски и две светски титули како ракометар), е левиот бек Макс Гранлунд (201 см, 23 години), кој со 30 погодока е најефикасен во финскиот состав во досегашниот дел од квалификациите. Гранлунд беше стрелец на 10 гола на мечот во Скопје. Значајна улога во тимот на Линдгрен имаат и организаторот на играта, централниот бек Иан Мартин (15 погодока), левите крила Теми Таминен (17 гола) и Бенџамин Халандер (15 гола) и десното крило Рони Сирјата (12 погодока), кои се задолжени за брза реализација на контранападите, како и пикерот Робин Сјоман (15 гола) и Фредерик Фрос (осум), кои одлично соработуваат со бековската линија.