Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дуелот со Финска на гости е в среда, а средбата со Швајцарија дома на 2 мај. По четири кола, Македонија е втора во групата 7 со ист број бодови како Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови

РАКОМЕТ – ЗА ДУЕЛИТЕ СО ФИНСКА И СО ШВАЈЦАРИЈА

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, ги одреди ракометарите на кои ќе смета за двата последни дуели од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Унгарија и во Словачка.
За дуелите со Финска на гости в среда и со Швајцарија дома на 2 мај, Лазаров за подготвителните тренинзи повика 21 ракометар, од кои седуммина интернационалци и 14 ракометари од домашното првенство. Собирот на репрезентативците е закажан за в понеделник (8.30 ч.) во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Во досегашниот дел од квалификациите, Македонија има три победи, и тоа над Финска дома (33-24), Швајцарија на гости (25-23) и над светскиот првак Данска дома (33-29), како и еден пораз во реваншот во Данска (37-21). По четири кола, Македонија има шест бода и е на втората позиција на табелата во групата 7, во која шест бода има и Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови.
На ЕП директно се пласираа домаќините Унгарија и Словачка, потоа финалистите на минатото првенство, Шпанија и Хрватска, а по четири кола од квалификациите и Германија и Србија. Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат првопласираните две репрезентации во осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции.


СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ
КРИЛА: Дејан Манасков, Бојан Маџовски, Гоце Георгиевски, Ненад Костески
БЕКОВИ: Филип Талески, Филип Кузмановски, Филип Миркуловски, Емилијан Ѓорговски, Марко Мишевски, Кирил Лазаров, Игор Ѓоргиев, Михајло Младеновиќ, Мартин Серафимов, Мартин Велковски
ПИКЕРИ: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Марковски