Колку повеќе ја загадуваме планетата Земја, толку пожесток ќе биде нејзиниот одговор, создавајќи мутации и болести со кои човекот тешко ќе се справува. На 22 април светот се сеќава на планетата Земја и тој ден човекот го одредил како ден на поголема екосвест, но дали еден ден е доволен. Поразителни се сознанијата дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува по старо и на своја штета
ДЕНЕСКА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА ВО УСЛОВИ НА ГЛОБАЛНА ПАНДЕМИЈА
Го возвраќаат ли природата и планетата Земја ударот што несовесниот човек им го нанесува со години? Дали уништувајќи го природниот биодиверзитет предизвикуваме сличен природен одговор преку бактериолошки и атмосферски мутации, кои стануваат оружје против човекот?Многу приврзаници на повисока еколошка свест сметаат дека одговорот на овие дилеми е најиздржан во актуелната светска пандемија на ковид-19.
Светот и човекот денес се соочуваат со она со што природата се соочува со години како резултат на однесувањето на луѓето.
Колку повеќе ја загадуваме планетата Земја, толку пожесток ќе биде нејзиниот одговор, создавајќи мутации и болести со кои човекот тешко ќе се справува.
На 22 април светот се сеќава на планетата Земја и тој ден човекот го одредил како ден на поголема екосвест, но дали еден ден е доволен, дали сѐ што тој ден се зборува се само празни флоскули?
Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кога станува збор за управување и зачувување на заштитените подрачја, претпоставките се дека сегашната пандемија и нејзините последици може да ги поткопаат децениските напори за зачувување на природата и воспоставање ефективен систем на заштита и управување.
– Особено во период кога бележиме големи успеси во прогласувањето нови подрачја, ризиците од пандемијата може да бидат уште посериозни. Затоа е потребна заедничка и синхронизирана акција за заштита и унапредување на природното наследство, во комбинација со ефективна поддршка на управителите на нашите заштитени подрачја – вели тој.
Поврзаност на мутациите и загадувањето
Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест“ смета дека пандемијата на ковид-19 ги погодила сите аспекти на живеењето и последиците од неа допрва ќе бидат проучувани и анализирани за подобро справување со слични предизвици во иднина.
– Но она што со сигурност беше потврдено во изминатиот период од страна на научниците беше врската помеѓу односот на човештвото кон природата и појавата и ширењето на вирусот. Од неодамна сме сведоци на појава на повеќе соеви и мутации на вирусот, кои се појавуваат низ светот и причинуваат нова закана. Нивната појава се поврзува со сплет на околности повторно поврзани со животната средина и употребата на ресурсите (пренаселеност, отсуство на услови за хигиена, низок економски статус и слично) – посочува таа.
Според неа, од една страна можеме да кажеме дека планетата ни возвраќа со пандемијата поради несовесниот и несоодветен однос на човештвото кон природата и ресурсите, а од друга страна гледаме дека човештвото одбива да ја научи оваа лекција и продолжува по старо.
– Во периодите на воведените рестрикции за движење се забележаа најголемите штети по природата (нелегални активности, дива сеча, ловокрадство, загадување на природата и водите и слично). Тоа е, всушност, главната потреба во моментот – светот да ја научи лекцијата од пандемијата и да го промени својот однос кон планетата. Луѓето треба да разберат дека се интегрален дел од природата, а не нејзин господар. Без екосистемските услуги што ги дава природата, чиста вода, воздух и храна, луѓето нема да преживеат, во согласност со тоа заштитата на овие ресурси е од највисок приоритет – посочува Чоловиќ Лешоска.
Сепак, таа смета дека на државно ниво од голема важност е воспоставувањето одржливи иницијативи во согласност со јавниот интерес.
– Покрај обезбедување директно вработување за оние што се погодени од економскиот пад што дополнително помага во обновата на економијата, овие иницијативи треба да дадат опипливи и недвосмислени придобивки за животната средина, како обнова на екосистемите, директни намалувања на емисии на стакленички гасови, енергетска ефикасност и декарбонизација. Иако ова беше наметнато како предуслов за државната поддршка во земјите од ЕУ, не беше случај кај нас. За жал, нашите природни подрачја, кои беа единственото прибежиште на граѓаните во периодите на воведените забрани за движење, не беа поддржани од буџетот на државата, како соодветна ковид-мерка. Во блиска иднина ова ќе мора да се промени, а државата посветено и сериозно финансиски да ги поддржи заштитените подрачја, како демонстрација на посветеноста на заштитата на природата – објаснува Чоловиќ Лешоска.
Аријанит Џафери од невладината организација за еколошка животна средина „Екогерила“ вели дека во нашата држава Денот на планетата Земја се одбележува на 22 Април, а секој друг ден е ден на подземјето.
– Урбаната мафија гради насекаде, во кој било град на зелени површини, на паркинг среде Скопје, на крајбрежјето на Охрид, во центарот на Тетово, на Шара, но и во други национални паркови и заштитени зони. Урбаната мафија поддржана од власта добива дозволи и народни пари за фирмите што се основани од луѓе блиски со власта да можат да изградат таканаречени мали хидроцентрали, кои инаку имаат големо негативно влијание врз екосистемот, но и директно врз животите на граѓаните на нашата земја. За жал, сето ова (и многу повеќе) се случува пред очите на јавноста и пред очите на правдата, која дозволува да се прекршуваат Уставот, закони, законски одредби, но исто така и меѓународни договори и конвенции – објаснува Џафери.
Според него, недостигот од вода (особено во тетовскиот крај) за време на пандемијата го покажува своето така што помага при ширењето вируси и оневозможува одржување лична хигиена.
Инвестиции во обновливи енергии
Денот на планетата Земја првпат е одбележен на 22 април 1970 година во САД. Овој датум е прифатен како Ден на планетата Земја на Конференцијата на Обединетите нации за животната средина во 1992 година во Рио де Жанеиро.
Денес го одбележуваат повеќе од 175 држави.
Целта на одбележувањето на Денот на планетата Земја е да се издигне нивото на свесноста кај нејзините жители за зачувување на животната средина, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исцрпувањето на ненадоместливите енергенти и слично.
Како што се посочува во пораката од светската организација, повеќе од половина од светското население живее во градовите, бидејќи бројот на жителите во урбаните средини се зголемува, а последиците од климатските промени се влошуваат, нашите градови мора да еволуираат.
Препораката е да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се намали загадувањето, за да се забават климатските промени предизвикани од човекот.
Рекордни емисии на јаглерод диоксид
Емисиите на јаглерод диоксид се предвидува по вторпат да достигнат годишен рекорд, бидејќи глобалните економии силно вложуваат во фосилните горива за да помогнат во обновата од рецесијата како резултат на ковид-19.
ИЕА-глобален преглед за енергијата за 2021 година предвидува дека емисијата на јаглерод диоксид ќе се искачи на 33 милијарди тони оваа година, што е за 1,5 милијарда тони повеќе од нивото на 2020 година, бидејќи глобалните економии истураат готовина во фосилни горива за да се помогне во закрепнувањето од рецесијата на ковид-19.
Скокот ќе биде втор само по масовниот отскок пред десет години по финансиската криза и ќе ги стави климатските надежи надвор од дофат, освен ако владите не дејствуваат брзо, предупредува ИЕА.
Употребата на јаглен во Азија се очекува да биде клучна: ИЕА вели дека ќе ја зголеми глобалната побарувачка за 4,5 проценти, приближувајќи го на глобалниот врв забележан во 2014 година.
Сепак, обновливата енергија исто така цвета, од зелени извори оваа година да се снабдуваат 30 проценти електрична енергија.