Тренерите сметаат дека постигнувањето голови на гости не е толку тешко како во минатото. Тие сметаат дека тоа правило треба повторно да се разгледа и ние ќе го сториме токму тоа, изјави Џорџо Маркети, заменик-генерален секретар на УЕФА

ФУДБАЛ

Сезонава може да биде последна за правилото „гол на гости“, бидејќи Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува за негово, ако не целосно, тогаш барем делумно укинување. Дискусиите за промената одат во насока тоа да се ограничи до крајот на 90-те минути во реванш-мечевите од нокаут-фазата, од следната сезона. Конечната одлука за каква било промена треба да ја донесе Извршниот комитет (ИК) на УЕФА.
Правилото за предноста „гол на гости“ е во сила 56 години, но кризата со коронавирусот, поради што лани и годинава во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) повеќе натпревари се одиграа на неутрални стадиони, покажа дека тоа повеќе не е од корист за никого.
На оваа тема, првите дискусии во 2008 година ги водеше Арсен Венгер, додека беше менаџер на Арсенал.
– Мислам дека тактичката важност на голот даден на гости стана премногу важна. Екипите ќе одиграа 0-0 на домашен терен и беа задоволни. Правилото требаше да има позитивен ефект, но на тактички план модерната игра го надмина и тоа сега има спротивен ефект, ја фаворизира дефанзивната игра дома – истакнуваше Венгер, кој исто така сугерираше дека правилото треба да важи само во продолженијата.

Ставот на Венгер и на другите тренери е поддржан и од податоците што покажуваат дека последниве години на повеќето натпревари во ЛШ победници биле гостинските тимови и оти имало помалку мечеви на кои домашните екипи не примиле гол.
Поткрепа на заложбите за укинување на „голот на гости“ е и фактот дека европските патувања се помалку напорни отколку во 20 век поради побрзите конекции. Сместувањето е многу подобро, квалитетот на терените е ист, а постојат и снимки од натпревари, што значи дека клубовите се многу подготвени за она што ги чека отколку порано.
– Тренерите сметаат дека постигнувањето голови на гости не е толку тешко како во минатото. Тие сметаат дека тоа правило треба повторно да се разгледа и ние ќе го сториме токму тоа – изјави Џорџо Маркети, заменик-генерален секретар на УЕФА.