Без радикални реформи во економијата и со постојната корупција, бирократијата и неефикасноста на јавниот сектор ќе се намали растот на економијата и во следните години, пишува „Модерн дипломаси“
СПОРЕД „МОДЕРН ДИПЛОМАСИ“
И покрај скромната популација од два милиони жители, нашата држава постојано се наоѓа на насловните страници на медиумите во регионот, како и во државите во ЕУ, често поради нерешливи спорови со соседните земји, но и поради економската состојба. „Модерн дипломаси“, платформата за процена на комплексни меѓународни прашања, пишува за нашата земја дека евроинтеграциите на Македонија ќе зависат од економската политика, наведувајќи ги предизвиците со кои се соочува земјата како политичка криза, пад на извозот, зголемен увоз, масовна емиграција, ниска продуктивност, нереализирање инфраструктурни проекти, бирократија и неефикасност во секторот.
– Трговското ембарго на Атина воведено за Северна Македонија во 90-тите години на минатиот век го означи почетокот на 27-годишниот ќор-сокак меѓу двете земји, што на крајот го запре пристапувањето на Македонија во ЕУ. Следниот проблем што се појави е влошениот однос со Бугарија. Продлабочувањето на овие проблеми ќе ги забави реформите и ќе ги одврати инвестициите – пишува „Модерн дипломаси“.
Оттаму велат дека дополнителен проблем е и тоа што пазарот на Македонија е во голема мера зависен од надворешната побарувачка што кризата ја исцрпе.
– Истражувањето и развојот се од суштинско значење за создавање високоплатени работни места, поттикнување на продуктивноста и зајакнување на економијата преку иновации и конкуренција на пазарот – се вели во „Модерн дипломаси“.
Истражувачите на оваа платформа додаваат дека Македонија се бори со масовна емиграција, во тандем со опаѓање на стапката на природен прираст на населението, што го намалува човечкиот капитал.
– Без радикални реформи во економијата, постојната корупција, бирократијата и неефикасноста на јавниот сектор ќе се намали растот и во следните години. За среќа, ЕУ може да биде одговорот на економските проблеми на Скопје. Унијата се очекува да им додели 3,3 милијарди евра на земјите од Западен Балкан за започнување на економското закрепнување по пандемијата. Пакетот сепак доаѓа со приложени низи, земјата ќе мора да го забрза напредокот кон регулаторното усогласување со ЕУ – пишува „Модерн дипломаси“.
На Македонија ѝ се потребни високи стапки на пораст и само на тој начин може да се доближи до стандардот на ЕУ. Економските експерти велат дека приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристапот до финансирање на компаниите, продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и зајакнување на конкурентноста и намалување на сивата економија.
Според економскиот аналитичар Здравко Савески, истражувањето претставува многу реална процена на нашата шанси за интеграција во ЕУ.
– Кај нас општествениот слој упорно го запоставува економскиот перформанс на земјата како услов за интеграција и ја потхранува илузијата кај луѓето дека без разлика на економскиот перформанс на земјата, ние можеме да станеме членки на ЕУ. Европската Унија има лошо искуство со интеграцијата на повеќето поранешни социјалистички земји. Не само што кај нив има голем пад во нивото на демократија туку им се плеткаат во процесот на одлучување и го кочат функционирањето на институциите на ЕУ – смета Савески.
Тој вели дека поради ова негативно искуство со полноправното членство на овие земји, ЕУ бара начин да го задржи Западен Балкан во својата сфера на влијание и да го држи економски подреден на интересите на европскиот капитал без да им даде полноправно членство на овие нови кандидати за членство.
– Правилата на игра се променети во однос на она што беа пред 20 години, освен ако станеме земја што ќе има економски перформанс барем на ниво на просекот на ЕУ, ние може и да почнеме преговори за членство, но полноправни членки никогаш нема да станеме – додава Савески.
Како што објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески, европската интеграција е секако позитивен момент за економијата и може значително да го динамизира растот, но не треба да очекуваме дека тоа ќе се случи само по себе, туку мора да произлезе од вкупните реформи, инвестирањето во институционалната стабилност и владеењето на правото, а тоа ќе зависи од нас и нашата способност да ги спроведуваме реформите брзо и ефикасно.
– Европската интеграција е цел на сите политички партии, и тогаш треба исклучителен фокус да ставиме на економијата и да видиме како реформите што ќе се прават, особено низ процесот на преговарање со ЕУ, може да дадат максимален резултат за економијата – истакна Петрески.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека ако се анализираат сегашните карактеристики на македонската економија и особено степенот на економски развој, тогаш недвосмислено се наметнува заклучокот дека развојот на индустријата, зголемувањето на продуктивноста и зголемувањето на извозот се единствените наши шанси за иден развој.
– Македонија нема некои огромни природни ресурси на земјен гас, нафта, злато или други природни богатства за извоз. Истовремено можностите за развој на туризмот се ограничени. Тогаш ни останува можноста на извоз на земјоделски производи и индустриски производи и услуги. Но она на што треба да работиме се автоматизацијата и зголемувањето на продуктивноста. На тој начин ќе оствариме поголем девизен прилив и ќе создадеме можност за поголеми плати и поголем стандард на вработените – нагласува Димитров.
Како што додава тој, иновативноста е многу важна за поголема конкурентност и поголема дополнителна вредност, но мора да бидеме реални, според износот на средства што ги издвојуваме за истражување и наука, не можеме да се натпреваруваме со развиените земји на овој план.
– Наедно, со поттикнувањето на порастот на домашната економија ќе се спречат и одливот на кадри од државата и изумирањето на цели региони и стопански гранки – смета Димитров.