Принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора, почина на 99-годишна возраст. Бакингемската палата објави дека војводата од Единбург почина изутринава во замокот Виндзор.
– Со длабока тага, нејзиното височество кралицата Елизабета ја објавува смртта на нејзиниот сакан сопруг, неговото кралско височество принцот Филип, војводата од Единбург – се вели во соопштението на палатата.
Веста доаѓа откако принцот Филип беше пренесен во специјална кардиоваскуларна болница во Лондон на 1 март, откако претходно беше лекуван од инфекција во болницата „Кинг Едвард Седми“.
Откако помина скоро еден месец на лекување, принцот Филип беше пуштен на домашно лекување на 16 март. Тоа беше неговиот најдолг престој во болница, а точната причина за неговиот прв прием не беше откриена, додека Бакингемската палата објави дека неговата хоспитализација не е поврзана со коронавирус.
Според британските медиуми, кралицата Елизабета сега ќе се повлече во осумдневна жалост. Кралската двојка прослави 72 години брак во ноември минатата година.